Австриската министерка што танцуваше со Путин одлета за Русија сосе коњите

Невестата Кнајсл танцува со Путин на свадбата во Гамлиц во август 2018 година - Фотографија ЕПА, Алексеј Дружинин

Поранешната австриска министерка за надворешни работи изразила жалење поради тоа што нејзината преселба во Русија е претставена во медиумите како „политичка“ тема

Карин Кнајсл, поранешната шефица на австриската дипломатија што танцуваше со Владимир Путин на својата свадба, се преселила во Санкт Петербург со руски воен авион, во кој ги натоварила и своите понија.

Кнајсл во 2018 година предизвика национален скандал кога како министерка за надворешни работи на неутралната Австрија на својата свадба го покани рускиот претседател и танцуваше со Владимир Путин. Само неколку месеци претходно низа членки на Европската Унија, но не и Австрија, протеруваа руски дипломати како одговор на атентатот со нервен гас врз двојниот шпион Сергеј Скрипал во Англија.

Кнајсл во следната година ја напушти функцијата, а во 2020 година се пресели во Франција и повремено пишуваше колумни за „Раша тудеј“, медиум што во Европа се смета за пропаганден мегафон на Кремљ. Во 2021 година таа стана членка на управниот одбор на рускиот нафтен гигант „Роснефт“, но ја напушти функцијата лани во мај, откако Европскиот парламент усвои резолуција со закани од санкции за Европејците што се во управните одбори на големите руски компании.

Поранешната австриска министерка вчера изрази жалење поради тоа што нејзината преселба во Русија е претставена во медиумите како „политичка“ тема. Кнајсл притоа објасни дека „со брза пошта уште во јуни 2022 година ги испратила своите книги, облека и понија од Марсеј до Бејрут“, но само како попатна станица до Русија, во која патувала секои шест недели за да формира аналитичка организација.

– Поради санкциите немаше ни летови ни брза пошта за да се преселам во Русија. Поради тоа морав да фатам руски транспортен авион од Сирија за Русија, за што сум многу благодарна – објасни поранешната шефица на австриската дипломатија на руската популарна социјална платформа Телеграм.

Кнејсл во јуни го претстави аналитичкиот центар „Горки“ во рамките на Универзитетот на Санкт Петербург, а дури пред една недела ѝ пристигнале „книгите, облеките и двете понија“, со воен авион од воздухопловната база Хмејмим во Сирија. Со авионот патувале и руски војници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот