
Авокадото го намалува ризикот од срцев удар: Новата студија ја потврди моќта на супернамирницата
Авокадото долго време се смета за супернамирница, но новата студија објавена во „Журнал на Американското здружение за срце“ (Journal of the American Heart Association) дополнително потврдува колку може да биде корисно за здравјето на срцето.
Препорачано
Научниците анализирале податоци собрани во текот на 30 години, опфаќајќи повеќе од 100.000 испитаници кои на почетокот на истражувањето не боледувале од срцеви болести, не претрпеле мозочен удар ниту имале рак.
Резултатите покажале дека луѓето кои консумирале две авокада неделно (половина овошје по порција) имале 16 отсто помал ризик од кардиоваскуларни болести и 21 отсто помал ризик од коронарни болести на срцето во споредба со оние кои не го јаделе.
Интересно е што замената на маргарин, путер, сирење, јајца или преработено месо со авокадо, исто така, доведува до намалување на ризикот од срцеви проблеми за 16 до 22 отсто. Но, истата замена со јаткасти плодови, маслиново масло или растителни масла не покажала значителни придобивки, објавува „Бест лајф“ (Best Life).
Според научниците од Харвард, причината е високата содржина на здрави мононезаситени масти (МУФА) и влакна што ги содржи авокадото.
Освен за срцето, оваа намирница носи и други придобивки. Студија од 2023 година покажала дека редовната консумација на авокадо го намалува нивото на вкупниот холестерол, го зголемува „добриот“ ХДЛ и го намалува „лошиот“ ЛДЛ холестерол.
Исто така, истражувањето објавено во „Журнал оф нутришн“ (Journal of Nutrition) во 2021 година покажало дека луѓето кои јаделе авокадо почесто имале помал обем на половината и помал ризик од зголемување на телесната тежина и од дебелина во текот на 11-годишното следење.