Арсовска најави кружен тек во Автокоманда, изградбата на булевар Хрватска не ја спомнува

Фото: Град Скопје

Изградба на кружен тек на крстосницата помеѓу булевар Александар Македонски и 16. Македонска бригада во Автокоманда е проект што  низ годините е спомнуван, најавуван и ветуван, но досега не е реализиран, иако со неговата реализација би се олеснил протокот на сообраќај од влезот на Скопје кон неговиот центар и обратно. Кружен тек на оваа локација е зацртан и во Генералниот урбанистички план за периодот од 2012 до 2022 година што сѐ уште е на сила, кој е зацртан како кружен тек на ниво, со надвозник над него.

Како што дознаваме, веќе се направени геомеханички испитувања околу крстосницата на булеварот со улицата 16. Македонска бригада, собирна улица што води и кон населбата Железара.

Сега, градоначалничката Данела Арсовска најавува дека стратешкиот проект ветуван од повеќе градски раководства над две децении ќе стане реалност низ проектите од програмата „За модерно Скопје“, кои започнуваат со реализација. Досега за овој проект, според неа, не била подготвена проектна документација.

Кружниот тек во Автокоманда на булевар Александар Македонски кај 16. Македонска бригада се проектира, а се изработува и основен проект за сите други фази за улицата 16. Македонска бригада од крстосницата со булевар АСНОМ до пристапната улица до црквата Св. Архангел Михаил. На крстосницата на булевар Александар Македонски со улицата 16. Македонска бригада е предвиден кружен пешачко-велосипедски надвозник, кој ќе овозможи пешаците и велосипедистите да се движат безбедно без контакт со преостанатите учесници во моторниот сообраќај – вели Арсовска.

Како што најавува градоначалничката, во основниот проект се предвидени велосипедски патеки за целиот опфат и пешачки патеки што ќе бидат „независни“ од коловозот. Притоа, како што најавува, се предвидува и воспоставување нов сообраќаен режим, односно ќе се овозможи слободен и побрз проток на сообраќај без застанување, што ќе придонесе и за помало воздушно загадување во овој дел на градот.

Градоначалничката во својата најава не посочи кои други проекти од нејзината програма ќе започнат да се реализираат по речиси две години откога е на чело на Град Скопје, ниту што се случува со веќе започнатите проекти од претходниот градоначалник, од кои речиси сите, освен изградбата на мостот на Љубљанска и кружниот тек кај Момин Поток, се запрени или се одвиваат со максимално забавено темпо.

Граѓаните ја потсетуваат и на уште едно предизборно ветување за кое, како што велат, добила многу гласови на изборите, а тоа е проектот за изградба на булеварот Хрватска, кој беше најавен за реализација во нејзиниот мандат, но досега ниту е спомнат ниту е започнат.

Нереализирањето на овој проект ја продолжува сообраќајната агонија и загадувањето на улиците 16. Македонска бригада, Коце Металец, Ферид Бајрам, а исто така ја топи и дадената доверба. Знаете ли дека на улиците Ферид Бајрам и на Коце Металец од безбедносни причини со поставување и изградба на пластично-асфалтни пречки сообраќајот стана бавнодвижечки, а при проток на 1.500 возила на час се зголеми и загадувањето на околината. Се надеваме дека ќе се држите до дадениот збор за приоритетна изградба на булеварот Хрватска – ја потсетува скопјанец во коментар на Фејсбук Арсовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот