фото: EPA-EFE/Ronald Wittek

Аргетинците објаснија зошто и Кун Агуеро доби златен медал

Серхио Агуеро беше репрезентативец на Аргентина повеќе од 10 години и пред нешто повеќе од една година со овој тим ја освои Копа Америка, но не ни помислуваше дека тоа ќе биде негов последен настап во дресот на Гаучосите.

Неколку месеци подоцна, додека играше за Барселона, беше откриено дека Агуеро има проблеми со срцето, а на крајот овој одличен напаѓач беше принуден да ја заврши својата кариера. Беше сигурно дека Агуеро ќе беше дел од репрезентацијата на Аргентина како играч на Светското првенство во Катар доколку не мораше да се збогува, но се најде начин и тој да добие златен медал.

Агуеро пристигна во Доха неколку дена пред почетокот на Мундијалот, но беше одвоен од селекцијата на Аргентина, односно не остана во истиот хотел со репрезентативците. Пред финалето сето тоа се промени. Прво Агуеро одработи неколку тренинзи со тимот, а потоа беше објавено дека повторно е цимер со Лионел Меси, што беше барање на капитенот на Аргентина.

На финалниот натпревар на стадионот Лусаил, Агуеро беше и на трибините, а веднаш по крајот на натпреварот истрча на теренот за да го прослави овој неверојатен успех со довчерашните соиграчи. Многумина беа воодушевени што од аргентинскиот табор му дозволија на легендарниот напаѓач да ужива со нив како уште да е член на тој тим, а на крајот се покажа дека е така.

Многумина се прашуваа како Агуеро на крајот дојде до златниот медал, а аргентинските медиуми излегоа со објаснување кое ги воодушеви навивачите. Имено, аргентинските медиуми наведуваат дека Агуеро бил пријавен како еден од помошните тренери на Лионел Скалони пред финалниот меч против Франција и на тој начин на крајот успеал да освои медал.

Агуеро не беше на клупата на Аргентина за време на натпреварот, но беше на списокот на тимот и го доби медалот за кој сонуваше цел живот, сето тоа благодарение на Скалони и Меси кои сакаа поранешниот напаѓач да биде дел од прославата на светската шампионска титула и на тој начин да го награди за сè што даде за таа селекција во минатото.

Агуеро за аргентинската репрезентација дебитираше во 2006 година кога имаше само 18 години, одигра вкупно 101 натпревар и постигна 41 гол. Покрај Копа Америка со аргентинската репрезентација, тој освои и златен медал на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година кога заедно со Меси ја предводеше оваа селекција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот