Фотоколаж: Слободен печат

Апсолутната власт не значи и власт над правосудството

ВМРО-ДПМНЕ никогаш не ја разбра поделбата на власта. Правосудниот систем има сериозни проблеми за кои треба да се бараат решенија, но постапките и изјавите на премиерот се вулгарни и само нè оддалечуваат од правната држава и од европската агенда, вели за „Слободен печат“ професорот Гордан Калајџиев

Изјавите на премиерот за судиите и обвинителите се вулгарни и покажуваат дека извршната власт има ставено рака врз судската, велат дел од правниците што ги контактираше „Слободен печат“ за континуираните навредливи изјави на премиерот Христијан Мицкоски, кој последно најави серијал за работата на судии и обвинители, но и чистка во судско-обвинителските редови по локалните избори.

Изјавата на премиерот дека дури му било смачено од платите што ги земаат судиите, професорот Гордан Калајџиев ја поврзува со владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, партија што победата на изборите ја сфаќа и како господарење со сите сегменти од општеството.

Проф. д-р Гордан Калајџиев / Фото: „Трилинг“

– ВМРО никогаш не ја разбра поделбата на власта. Уште во времето на Љупчо пишував дека тие воопшто не ја разбираат западната демократија и ја фетишизираат победата на изборите во смисла дека ќе господарат со сите власти и сегменти на општеството. Тоа е секако нивен, ама и наш проблем. Леглото на корупцијата не се сигурно судовите, иако и тие секако имаат свој придонес во проблемите, токму затоа што очигледно не се решение! Да бидеме реални, статистиките покажуваат дека судиите и обвинителите традиционално ѝ попуштаат на извршната власт, осудувајќи ги речиси сите што ги процесуира МВР. Дали казнената политика е блага е друго прашање. Да сумирам накусо, правосудниот систем има сериозни проблеми за кои треба да се бараат решенија. Но, постапките, изјавите на премиерот се вулгарни и само нè оддалечуваат од правната држава и од европската агенда. Последниот тест за ВМРО, а и за судбината на владеењето на правото, ќе биде изборот на новиот државен обвинител. Дали сум оптимист? Не сум! – вели Калајџиев во изјава за „Слободен печат“.

Европа бара, но Мицкоски не дава да им се зголемат платите на судиите и на обвинителите

Давидовиќ: Директно мешање на извршната во судската власт

 

Долгогодишниот адвокат Звонко Давидовиќ констатира дека овие изјави покажуваат директно мешање на извршната во судската власт, со најави дури и за разрешување, иако судиите и обвинителите реално може да бидат разрешени единствено од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители.

Звонко Давидовиќ / Фото: ТВ 24

– Сите изјави на челниците на извршната власт јасно покажуваат дека постои директно мешање на извршната во судската власт преку нивно коментирање судски одлуки, преку обидите да се намалат или да се ограничат платите на судиите и на обвинителите, преку закани за разрешување. Судската власт треба да е независна. Постои судско-буџетски совет што решава за финансии и има закон уште од 2015 година, кој кажува дека 0,8 проценти од БДП требаше да бидат издвоени за судството. Извршната власт врши директен упад во судската власт, бидејќи министерот за финансии треба да решава кој треба да се вработи, од стручна до доставна служба во судовите. Сето тоа покажува дека извршната власт има ставено рака на судската власт со децении и не може судската власт да се осамостои сè додека политиката не се тргне од судската власт, и тоа треба да го направи за доброто на граѓаните и на државата – вели Давидовиќ за „Слободен печат“.

Засега реакции на изјавите на премиерот имаше од здруженијата на судиите и на јавни обвинителите, без да му го споменат името на премиерот.

– Судиите, наместо да молчат, треба да излезат и јавно да кажат некои работи и да демонстрираат, да покажат дека се трета власт, а не тие да молчат и други постојано во нивно име да излегуваат и да ги бранат. Многу далеку сме од замислите, особено од спроведување на сериозни и коренити промени во судството. За да се реформира, судството треба да се реформира севкупната власт, менталниот склоп на политиката – заклучува Давидовиќ.

За Кочани Мицкоски е задоволен

 

Откако дојде на власт, Мицкоски најавуваше робусни акции против судиите и обвинителите, а заканите стивнаа кога се случи трагедијата во Кочани, во која загинаа 62 млади луѓе.

За овој случај Мицкоски беше задоволен од работата на обвинителите, а не го коментира ниту тоа што обвинителниот акт за оваа трагедија се оценува со месеци во Кривичниот суд. Сепак, веднаш ја коментираше условната казна за онкологот Мери Пешевска и речиси секој ден излегува со изјави дека судиите и обвинителите не ги заслужуваат платите што ги земаат, а Европската комисија бара повисоки плати и поголеми буџети за судството и обвинителството во реформскиот план за раст.

– Ќе почнеме еден цел серијал случаи како суделе одделни судии и како обвинувале одделни обвинители. Јавноста нека суди дали тие заслужуваат, па да кодошат таму, по Брисел, и каде и да одат, дека Владата не им ги зголемува платите. Но, со овие судии и обвинители, ќе повторам, да не бидам погрешно сфатен, со неколкумина што се последниот бастион во одбрана на поранешната Влада на СДСМ и на ДУИ, правдата е невозможна. Затоа, по локалните избори ќе ги најдеме сите правни механизми, без разлика какви и да се критиките. Мора да имаме обвинители што обвинуваат и судии што судат според закон и Устав – рече Мицкоски.

Ристоска го демантира Мицкоски: Не земам за два до три пати повисока плата и не ми ја одредува државниот обвинител со Правилник

Шесте закони – за Судскиот совет, за Советот на јавни обвинители, за обвинители, за судии и за службите кои се дел од реформскиот план за раст, премиерот ги толкува како закони што единствено предвидуваат зголемување на платите на судиите и обвинителите, и според неговите пресметки платите на судиите ќе достигнеле и до 360 илјади денари.

– Тоа е реформата и добро е што сега македонската јавност може да суди. Не зборувам за сите, ќе повторам, еве нека ми простат, има и такви што си ја вршат својата работа во согласност со закон и Устав, но има мал дел што го загрозуваат овој процес и има и обвинители и судии што не ја заслужуваат ниту оваа плата што ја земаат. Понатаму, дали ние ќе одвоиме двапати повеќе од некои многу поразвиени членки во ЕУ, оставам јавноста и граѓаните да судат за платите на обвинителите и на судиите. Тоа е суштината – рече премиерот.

Буџетот за судството и за обвинителството, всушност, е предвиден со постојните закони, додека за платите на судиите се бара да се „неутрализира“ намалувањето на платите од лани. Здружението на судии го демантираше и кажа дека плата на судија изнесува 86 илјади денари, а обвинителите тврдат дека земаат најниски плати во регионот.
Европската комисија бара судиите да бидат независни од Министерството за финансии, за кое е најавено од премиерот дека ќе прави компаративна анализа со пет земји од Европа за власта да аргументира пред Европската комисија дека судиите и обвинителите не ги заслужуваат платите.

Судски совет: Секој што има докази за криминал во судството е должен да пријави

Судскиот совет остро се спротивставува на користењето на судството за дневнополитичка кампања, реагира највисокото судско тело, по најавите на Мицкоски дека е против зголемување на платите на судиите и на обвинителите.

„Судиите се самостојни и независни во донесувањето на одлуките и секое коментирање однадвор се смета за упад во судството. Судиите, и покрај тоа што работат со ограничени човечки и финансиски ресурси, даваат максимални напори за брза и ефикасна правда. Секој што има сериозни индиции и докази за криминално и коруптивно однесување во судството, должен е веднаш да пријави до Судскиот совет и кај други надлежни органи, зашто непријавувањето претставува сериозно кривично дело. Судскиот совет на РСМ како самостоен и независен орган на судската власт, во иднина нема да се вклучува во коментирање какви било политички изјави, а секогаш ќе реагира во насока за заштита на законитоста и независноста на судството“, соопшти Судскиот совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот