Англискиот селектор Саутгејт сака промена на правилата пред Евро 2024
Селекторот на Англија, Герет Саутгејт, се приклучи на групата селектори кои ја критикуваа УЕФА за неподготвеноста на европската фудбалска управа да го промени правилото за бројот на играчи на претстојното Европско првенство.
Сè повеќе селектори изразуваат мислење дека има огромен товар на играчите, резултат на големиот број повреди во текот на сезоната, па сметаат дека е потребно проширување на ростерот на тимот.
Веќе неколку селектори се заложија за тезата дека УЕФА треба да го зголеми составот на тимот од 23 на 26, за да има повеќе „мир во тимот“, во случај на евентуални повреди.
– Имавме уште една средба со УЕФА, на која се зборуваше од страна на некои селектори за можно зголемување на бројот на играчи. Мораме да ги донесеме најдобрите одлуки со она што го имаме, а некои од нив ќе се базираат на медицината. Успеавме да ја направиме вистинската работа на претходните турнири, успеавме да им дадеме поголема минутажа на повеќе играчи, но со 23 играчи дефинитивно е потешко – вели Саутгејт.
Само минатата недела Саутгејт беше принуден да ги ослободи Хари Кејн и Букајо Сака уште пред почетокот на двата пријателски натпревари, а Хари Мегваер, Џон Стоунс, Кајл Вокер и Сем Џонстон беа повредени за време на натпреварите.