Анализа: Програмите на политичките партии малку се разликуваат кога станува збор за младите

Тинејџери седат во Градски парк / Скопје, септември 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Младите имаат потенцијал и заслужуваат поголем простор во политиката, е пораката која произлезе од вчерашната дискусија меѓу подмладоци на политичките партии организирана од Фондацијата за демократија на Вестминстер. На настанот беше промовирана анализата „Младинско политичко отсуство” која разгледуваше две теми – присуството на младите на листите на кандидати за парламентарните избори 2020 и застапеноста на политиките за млади во програмите на политичките партии.

Анализата на програмите на политичките партии покажува дека младите се важна тема само за дел од партиите и коалициите. Рeчиси половина од програмите нудат многу малку или ниту една мерка за млади. Политиките за млади се најчесто во областите економија и образование, каде партиите предвидуваат политики за даночни олеснувања, капитал за започнување бизнис, зголемено финансирање на образование и наука, подобрување на квалитетот и инфраструктурата на образованието. Други теми кои почесто се појавуваат се иновации, младинско учество и стандард. Сепак во програмите има и теми кои отсуствуваат, а се важни за младите – ефектите од пандемијата на ковид-19, евроинтеграциските процеси, правдата и младинските права и животната средина, велат од Фондацијата.

Впечатливо е што изборните програми малку се разликуваат по својата суштина, без разлика од која партија доаѓаат, областа или идеолошката гледна точка, што укажува на потенцијален простор за политичка соработка, во интерес на младите и нивната иднина во земјата.

Што се однесува до кандидатите за пратеници, просечната возраст на кандидатите на парламентарните избори била 42,5 години. Иако младите се застапени со висок процент (19 отсто од сите кандидати имаат под 29 години), тие почесто се наоѓаат на позиции со пониски шанси за успех. Кандидатите на возраст од 40 до 49 години се најчесто на добитничките места.

Од истражувањето произлегува дека политичките партии треба да ја поттикнуваат вклученоста на младите и нивната улога во самите партии и нивните раководни органи. По изборите, политичките партии треба да дискутираат на заедничките прифатливи мерки во областите каде се преклопуваат, за поголема соработка во интерес на младите. Еден механизам за тоа може да биде интерпартискиот Клуб за младински прашања и политики во Собранието. Партиите треба да се погрижат младите да бидат застапени на листите, за избраните претставници да ги одразуваат различните групи во општеството и нивните потреби, посочуваат оттаму.

Целосната анализа е достапна на: https://www.wfd.org/2021/03/24/in-north-macedonia-young-people-are-on-the-electoral-lists-but-rarely-on-wining-positions/ 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот