Амбасадорски состанок во Брисел: Бугарија не попушта за преговарачката рамка, оставени се 10 дена за напредок на билатерално ниво меѓу Скопје и Софија

Амбасадорскиот состанок на Европската Унија (ЕУ) денеска не донесе напредок во позициите на Бугарија за усвојување на преговарачката рамка со Северна Македонија, па исходот ќе зависи од билатералните разговори меѓу Скопје и Софија, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Ништо не е сменето во бугарската позиција, е реакцијата на ЕУ дипломатите попладнево по завршување на разговорите на амбасадорско ниво во Брисел за усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија.

Бугарскиот амбасадор при ЕУ ја изложил истата позиција за точките кои се неприфатливи за неговата земја и поради кои не може да даде зелено светло за усвојување на преговарачката рамка.

Останатите амбасадори не гледаат причина да се навратат на ова прашање на наредните состаноци сѐ додека не дојде до напредок на билатерално ниво меѓу Северна Македонија и Бугарија, брифираат од Советот на ЕУ.

Контактите се интензивни, тврдат дипломатите во ЕУ, исто како и обидите за медијација на спорот од страна на германското претседателство и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, за да се постигне компромис кој ќе овозможи до крајот на оваа година да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија и со тоа да се отворат првите преговарачки поглавја.

Oд средбите на земјите членки произлегува дека сите земји членки се за остварување на оваа цел.

Одредени држави кои се понаклонети кон брз процес на проширување и поголема флексибилност во процедурата, исто така, изразуваат резерви во однос на крајните заклучоци, но според повеќето дипломати, ќе биде тешко да се убедат земјите кои се повоздржани во однос на проширувањето.

Министерскиот совет на кој треба да се усвои преговарачката рамка денеска беше одложен за една недела и ќе се одржи на 17 наместо на 10 ноември, што оставаат десет дена на Скопје, на Софија и нивните медијатори да ги приближат позициите и да постигнат заеднички прифатлив договор, со што би се отстраниле бугарските резерви.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот