Алпинист загина јужно од Монт Еверест додека стотици луѓе се евакуираат по снежната бура

Јужнокорејски алпинист загина во Непал откако беше зафатен од силна бура при обид да се искачи на хималајски врв јужно од Монт Еверест. Во меѓувреме, стотици планинари почнаа евакуација откако екстремното време ги остави заробени во регионот, објави „Фокс њуз“.

Непалската алпинистичка асоцијација ја потврди смртта на јужнокорејскиот алпинист во вторникот. Тој бил пријавен за исчезнат за викендот, блиску до врвот на планината Мера Пик, високa 6.476 метри во северните Хималаи. Другите алпинисти на планината се пријавени како безбедни.

Трагедијата се случи додека обилниот снег и дожд заробија стотици планинари во близина на Еверест. Еден од нив, идентификуван само со презимето Донг, за кинески весник изјавил дека никогаш не видел толку силна бура, опишувајќи интензивен снег и молњи.

До доцна во понеделникот, 350 лица се спуштиле безбедно, а повеќе од 200 други биле водени кон одредено собиралиште, велат кинеските медиуми.

ФОТО | Снежна бура зароби 1000 луѓе на Монт Еверест

 

На фотографии направени на 4 октомври 2025 година, се гледаат селани со волови и коњи како се искачуваат на планината за време на спасувачките напори да стигнат до стотиците планинари заробени од силниот снег во туристички кампови на падините на Еверест во Тибет, на 5 октомври 2025 година.

Заробените планинари кампувале на надморска височина од над 4.800 метри. Монт Еверест, кој достигнува 8.849 метри, се наоѓа на границата меѓу Кина и Непал. Кинеската страна на Еверест е сместена на јужниот раб на Тибет.

Во регионот се одвиваа интензивни спасувачки операции откако стотици планинари беа пријавени како заробени од екстремното време.

На друго место во Кина, во вторникот, спасувачките екипи пребаруваа во планините Килијан во провинцијата Кингхај по уште една смртоносна бура. Еден планинар починал од хипотермија и висинска болест, а 213 други биле евакуирани од непристапниот регион од неделата наваму.

Според официјалната агенција „Синхуа“, многумина влегле во оваа оддалечена област откако виделе дека е промовирана на социјалните мрежи.

ВИДЕО | Повеќе од 200 алпинисти остануваат заглавени на Еверест

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот