Фото; Национална пливачка федерација

Александар Илиевски: По Лак Сен Жан, посакувам подиум и во Охрид

Нашиот маратонец неодамна се пласира на третото место на ултра-маратонот во Канада, што му е најголем успех во кариерата. Тој најавува битка за подиумите и на претстојните ултра-маратони, Охридскиот и Капри-Наполи

Во кариерата на македонскиот маратонец Александар Илиевски (32) дојде и најголемиот успех, освојувањето на третото место на маратонот Лак Сен Жан (7:18:48 часа), еден од најпознатите во светот, трка што има репутација на најтешка за пливање во Светската серија ултра-маратони. Александар првпат во својата кариера се искачи на подиумот на една трка од Светската серија ултра-маратони.

Илиевски се надмина себеси, ги издржа искушенијата на канадското езеро Сен Жан, ладната вода чија температура се спуштала и до 17 степени, големите бранови, битката со хипотермијата и доплива до подиумот. Резултат за задоволство, но и желба за повеќе. Илиевски сега се подготвува за другите две трки од серијата ултра-маратони. Тоа се Охридскиот маратон (август) и маратонот Капри-Наполи во септември. Тој и таму сака да се искачи на подиумот, што досега не успевал. Ако го оствари тоа, би бил вистински подвиг.

– Навистина Лак Сен Жан е најтежок за пливање од серијата ултра-маратони, не поради километражата (32 км н.з.), туку поради студената вода и брановите. Хипотермијата таму е честа појава. Јас одев да испливам за подиум, ментално се подготвив добро. Ако се убедите себеси дека не ви е ладно, полесно ја поднесувате студената вода – вели Илиевски.

Додатна инспирација бил и наградниот фонд кој е најголем на канадскиот маратон, на кој Илиевски досега настапувал седум пати.

– Важен ми беше и наградниот фонд во Лак Сен Жан. Таму изнесува 55.000 долари. Другите маратони се со помал награден фонд, од 10.000 до 15.000 долари – вели Александар, кој во поголем дел се финансира сам.

Тренер му е Томи Стефановски легенда во нашето маратонско пливање, кому Лак Сен Жан му беше омилен маратон, а таму има и победи.

Илиевски веќе се фокусира на она што претстои, Охридскиот маратон што треба да дојде последната недела од август. Тој и таму посакува да се искачи на подиумот.

– Ако можев да дојдам до подиум во Канада, зошто да не можам во Охрид и на Капри – Наполи? Тоа ми е целта што си ја поставив и ќе дадам се од себе да ја остварам. Сезонава фокусот ми е на овие три трки. Едната помина, други две следуваат. Подготвен сум за нив – вели Илиевски.

– Голема ми е желбата да се качам на подиумот и во Охрид. Тоа особено би било задоволство за мене, затоа што во прашање е и домашна публика и целата спортска јавност во Македонија – вели маратонецот.

Тој минатата година оствари унктатен подвиг, го преплива целото Охридското Езеро кружно, во должина од 71 километар, за 7:21:38 часа.
На маратонот во Канада победи Италијанецот Едоардо Стокино, а втор беше Аргентинецот Франко Касини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот