
Албанија ќе инвестира 57 милиони евра во дигитална трансформација на образованието
Албанија има за цел да ја подобри технолошката инфраструктура во училиштата до 2030 година, за што предвидува да вложи 5,5 милијарди леки, односно над 57 милиони евра.
Препорачано
Владата планира да инвестира во изградба на 654 паметни лаборатории во 615 училишта, снабдување на 5.500 наставници со лаптопи, за подобрување на пристапот до широкопојасен интернет и за создавање централна платформа за управување со академски и научни информации. Според првиот план, иницијативата за паметни лаборатории ќе продолжи во сите основни и средни училишта во земјата, пишува Еј-Би-Си Њуз Албанија.
Се очекува околу 330.000 евра финансирани од државниот буџет и меѓународните партнери да бидат наменети за пилот-проекти, со цел вклучување на вештачка интелигенција во наставата.
Програмата, исто така, вклучува обука за 16 илјади наставници со 10 модули од информатичко-комуникациската технологија и изградба на наменска дигитална платформа за обука на наставници. Вкупната цена на овие мерки изнесува над четири милиони евра, со комбинирани средства од државниот буџет и донатори.
Меѓу целите е проширувањето на брз безжичен интернет во сите предуниверзитетски и високообразовни институции.
Предложениот нацрт, се осврнува на чувствителните прашања од последно време во врска со ризиците од изложеност на децата на интернет, каде што се предвидува преземање конкретни мерки и зголемување на свеста во училиштата за спречување на сајбер-малтретирањето.
Во однос на високото образование, новата стратегија има за цел да ја подобри поврзаноста на универзитетите со пазарот на трудот. Во овој поглед, високообразовните институции треба да се реформираат и да понудат програми кои се повеќе ориентирани кон потребите на индустријата и работната сила, со што ќе се зголемат можностите за непосредно вработување на дипломираните студенти.