
Алармантно откритие: Микропластика за првпат откриена во јајниците
Италијански научници за првпат открија микропластика во фоликуларната течност од јајниците, со што се отвора прашањето за влијанието на токсичните супстанции врз плодноста на жените.
Препорачано
Во рамки на најновото истражување, било испитано присуството на микропластика во фоликуларната течност на 18 жени кои биле подложени на третман со потпомогната оплодување во клиника за плодност во градот Салерно. Микропластика била откриена кај 14 од нив, пренесуваат странските медиуми.
Фоликуларната течност обезбедува есенцијални хранливи материи за развој на јајце-клетките, а присуството на микропластика може сериозно да го наруши тој процес, со можни последици врз плодноста, хормоналната рамнотежа и целокупното репродуктивно здравје, предупредуваат научниците.
„Овие наоди се важен чекор кон разбирање на тоа како и зошто микропластиката влијае врз репродуктивното здравје на жените, но истовремено се и сериозен аларм“, изјави истражувачот Луиџи Монтано од Универзитетот во Рим, кој е главен автор на студијата.
Во самото истражување се потенцира дека ова откритие треба да послужи како јасен знак за опасност од загадувачите кои навлегуваат во женскиот репродуктивен систем.
Инаку, научниците веќе имаат откриено микропластика во различни делови од човечкото тело.
Микропластиката може да содржи опасни соединенија како што се трајните хемикалии, бисфеноли и фталати, кои се поврзуваат со појава на карцином, штетни ефекти врз нервниот систем и нарушување на хормоналната рамнотежа.