Артан Груби / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Ако се отвори Уставот, ДУИ ќе има свое барање: Да се укине квотата од 20 проценти за албанскиот јазик

Албанците сакаат да постигнат изедначување на албанскиот и на македонскиот јазик, но тоа е кршење на Охридскиот договор, кој не може сега да се менува. Дури сега ќе видат Македонците колку за нив е важен тој договор – вели професорот Фрчковски.

Ако се отвори Уставот, ќе се отворат и други прашања, меѓу кои ќе биде и нашето барање да се укине квотата од 20 отсто за употреба на албанскиот јазик, најави деновиве високиот партиски и државен функционер на ДУИ, Артан Груби.

Јетон Шасивари, професор по уставно право на Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа, вели дека намалување на процентот не е решение туку статусот и уставното именување на албанскиот јазик.

– Ова прашање без големи тешкотии би се решило во Основните уставни одредби со преформулирање на членот 7 од Уставот на РСМ со само два нови става, каде што во првиот став би се предвидело дека во РСМ службен јазик е македонскиот и неговото писмо и албанскиот јазик и неговото писмо, а во вториот став би се предвидело дека турскиот, српскиот, влашкиот, ромскиот, босанскиот и другите јазици имаат статус на службени јазици на локално ниво или се јазици во службена употреба на кое било ниво според законот – вели Шасивари за „Слободен печат“.

Според професорот Љубомир Фрчкоски, декан на Универзитетот ФОН, воведувањето целосна рамноправност на македонскиот и на албанскиот јазик на целата територија на земјава и на сите нивоа е спротивно на Охридскиот договор и неприфатливо. Во настап на „Утрински брифинг“ Фрчкоски рече дека отворањето на Уставот, кое го бара ВМРО-ДПМНЕ, ќе повлече и други барања што се поврзани со Уставот, како ова на ДУИ.

– Албанците сакаат да постигнат изедначување на албанскиот и на македонскиот јазик, но тоа е кршење на Охридскиот договор, кој не може сега да се менува. Дури сега ќе видат Македонците колку за нив е добар тој Охридски договор – рече Фрчкоски.

Според него, отворањето на Уставот е тешка работа и не може да се прави во секое време.

Коментирајќи ги иницијативите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за измени на Уставот, вицепремиерот за политички систем Артан Груби рече дека тие треба да се носат со консензус на политичките партии, а не „да се дебатираат во медиумите“.

– Сепак, драго ми е што македонската опозиција е подготвена да го отвори Уставот. Во тој случај, сепак, имаме и други теми што треба да се вклучат во овие уставни измени како што е спорот со Бугарија, или впишувањето на бугарската, хрватската, црногорската заедница и сите други, како и отстранување на ограничувањето од 20 отсто за употреба на албанскиот јазик – изјави Груби.

Исто така, и според СДСМ за сите отворени прашања е потребен широк политички и општествен консензус.

„Ова е уште еден аргумент зошто е потребен поширок политички консензус во државата. Ставот на СДСМ е јасен, за какви било измени на изборниот модел, иницијативи за уставни измени или слично, потребен е широк политички и општествен консензус, одговорија од СДСМ на прашање од „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот