Ако Пендаровски и Силјановска си дишат во врат во првиот круг, може и ќе се избере претседател

Фото: МИА

За претседателските избори да бидат успешни во вториот круг на гласањето треба да излезат 720.000 гласачи, што би било возможно доколку првите двајца кандидати, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, во првиот круг имаат разлика во освоените гласови која се движи меѓу 30.000 и 40.000 гласови и доколку ВМРО-ДПМНЕ не донесе политичка одлука за бојкот, оценуваат аналитичарите.
Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев во „ClickPlus” истакна дека очекува да се постигне цензус и да не се создаде нова политичка криза.

– По законот мора да одиме на нови претседателски избори, но ако пропаднат првите ќе пропаднат и вторите. Не верувам дека ќе пропадне, мислам дека ќе успееме. Но лично мислам дека нема да се случи, иако некој од големите политички фактори може да реши да бојкотира. За референдумот постигнавме 37 отсто, а тогаш беше потешко. За претседател е друго, ако некој реши да бојкотира треба да си го прифати ризикот – рече Заев.

Тој објасни дека ако нема цензус има две можности, да се оди повторно на избори или да се направат уставни измени, каде исто така има две можности, првата е да се тргне цензусот, а втората да се бира претседател во Собранието.

– Верувам во граѓаните дека нема да ја остават државата до отиде низ вода, тоа ќе биде нова политичка криза – вели премиерот.

Референдумот и претседателските избори не се споредуваат

Аналитичарот Владимир Божиновски објаснува дека излезноста на референдумот не може да се споредува со таа на претседателските избори.

– На референдумот гласаа албански гласачи од кои сега во првиот круг голем дел ќе му дадат поддршка на Блерим Река, поради што и ќе немаат никаков интерес да излезат да гласаат во вториот круг. Исто така и неопределените може да бидат демотивирани за гласање што исто така ќе ја намали излезноста, сега во однос на таа за референдумот – вели Божиновски.

Според него, клучно за тоа дали ќе има бојкот на вториот круг ќе решат резултатите од првиот.

– Ако разликата помеѓу првиот и вториот кадидат е меѓу 30.000 и 40.000 гласови, второрангираниот ќе има интерес да го трча и вториот круг – објаснува нашиот соговорник.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ нема да донесе политичка одлука за бојкот на вториот круг. Ако цензусот не се обезбеди, нови избори не се очекуваат пред летото. Можно е ВМРО-ДПМНЕ да бара вонредни парламентарни избори заедно со повторените претседателски, но прашање е дали СДСМ ќе го прифати тоа.

ВМРО-ДПМНЕ може да создаде нова криза

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека сосема е јасно дека доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да го бојкотира вториот круг од претседателските избори, цензусот од 40 отсто нема да се постигне.

– Одлуката за бојкот ќе биде политичка одлука на ВМРО-ДПМНЕ и дефинитивно тие се во ситуација да создадат нова политичка криза. Но, најголемата опозициска партија треба да знае дека ништо добро нема да излезе за неа од бојкотот, бидејќи така се приближува до политиката на Златна Зора и станува националистичка партија, а со тоа губи поени кај меѓународната заедница, критичката јавност и албанските гласачи – вели Арсовски.

Иако различни партиски функционери даваат различни изјави во врска со тоа дали ќе го бојкторираат вториот круг сепак, неофицијалните информации од партиските кругови велат дека се се движи во таа насока.

– Ако тоа се случи тогаш останува Талат Џафери да биде в.д. претседател на државата, да се организираат нови избори или пак да се оди на уставни измени. Новите избори се равенка со исти непознати што ќе донесе ист резултат, затоа и тие не се голема можност. Најбрзо решение ќе биде намалување на цензусот од 40 отсто на 20 отсто, но тоа ќе биде нов пазар за обезбедување на 80 гласа – објаснува Арсовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот