Ако не се набават потребните 225 милиони метри кубни гас, топланите ќе работат на дизел гориво

Васко Ковачевски
Васко Ковачевски / Фото: МИА

Во изминатиот период АД ЕСМ имал контакти со компании кои треба да испратат понуди за набавка на природен гас потребен за работа на трите топлани, но и поголеми количества на гас за да се стави ТЕ-ТО во функција. Генералниот директор на копманијата Васко Ковачевски вели дека се очекува во текот на утрешниот ден да пристигнат повеќе понуди, контактиран е и „Макпетрол“ и одредени се потребните количини за грејната сезона до 30 април догодина. Основен критериум за набавката ќе биде најниска цена со гаранција дека потребните количества ќе бидат испорачани. За наредните шест месеци за непречено работење на трите топлани и ТЕ-ТО потребни се околу 225 милиони метри кубни метри гас.

Доколку нема понуди за набавка на природен гас, тогаш, како што нагласи Ковачевски, ЕСМ се подготвува за алтернативна работа на топланите на дизел гориво. Набавени се потребните дизел пумпи, и доколку нема испорака на природен гас до први ноември ќе бидат подготвени, ќе распишеме оглас за набавка на дизел, а доколку не се набави навреме ќе се користи од државните резерви.

Ковачевски денеска информира и дека АД ЕСМ ќе склучи нов договор за деловно- техничка соработка со АД „Скопје Север“ со кој ќе се уредат односите за грејнава сезона, за граѓаните што се приклучени на оваа топлана да имаат парно греење. Но, за тој договор да биде функционален „Скопје Север“, чиј мнозински сопственик е АД „Топлификација“ во стечај, мора да ги испочитува обврските од претходниот договор.

АД „Скопје Север“ и нејзиниот мнозински сопственик не соработуваа во АД ЕСМ во изминатиот период. Ние наидовме на многу пречки и потешкотии да го сочуваме државниот капитал и државните средства кои ги вложивме за да се набави природен гас за да може топланата Север да работи, како и на други пречки за спроведување на останатите процедури. Нашиот прокурист никогаш не беше упишан во централниот регистра, не можевме да го контролираме протокот на финансиските средства, да ги следиме другите исплати од наменската сметка, иако има таква обврска. Согласно договорот „Скопје Север“ не испраќаше секојдневни извештаи до прокуристот за извршените плаќања од претходниот или наредниот ден – рече Ковачевски.

Тој информира дека за изминатата грејна сезона, односно за половина сезона од јануари до април 2022 година ЕСМ на „Скопје Север“ му исплатил околу 26 милиони денари или околу 425 000 евра. За оваа грејна сезона побарувањата се околу 60 милиони денари, односно околу еден милион евра, но парите од минатата сезона уште не се вратени на наменската сметка на ЕСМ и не се потпишани никакви обврски од „Скопје Север“.

Генералниот директор на ЕСМ нагласи дека ќе направат се жителите од Бутел, Чаир и околината да не останат без парно, но дека договорот нема да се потпише доколку не се испочитуваат сите формално – правни работи, односно нивниот сопственик со нивниот имот и финансиски средства да гарантира дека средствата што ЕСМ ќе ги вложи за набавка на природен гас ќе се вратат.

Нема да пристапиме кон новиот договор додека не се исполнат обврските од стариот – дециден е Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот