Ајварката годинава со полош квалитет, без брз пласман оди на буниште

пиперки
Црвени пиперки - ајварки/Фото: Unsplash

Годишниот девизен прилив од конзервната индустрија е околу 70 милиони евра, половина доаѓа од ајварот, а дополнително, уште 20 до 25 отсто се од производи поврзани со пиперки

За некои производители на пиперката ајварка оваа сезона почна лошо и тие не може да најдат пласман. На социјалните мрежи се споделуваат и слики од голема количина фрлени пиперки. Земјоделците велат дека се свесни дека оваа година пиперката е со полош квалитет поради временските услови, но и дека полесно се расипува. Трговците на зелените пазари велат дека сè уште не почнало масовното купување на пиперката за зимница и стравуваат дека поради високите цени на маслото за јадење нема да имаат промет како ланскиот. Од конзервната индустрија, пак, велат дека нивните капацитети се лимитирани, па може да се јави поголема понуда од побарувачка.

Претседателот на Агросојуз од Струмица Ристо Велков вели дека сега откупните цени на индустриската пиперка се по 24 до 25 денари, додека онаа што се продава во кутии е од 30 до 40 денари.

– Во Струмичко има откуп на пиперката. И јас сум видел слики објавени од земјоделци кои не можеле да најдат пласман и кои ја фрлаат пиперката. Но, факт е дека годинава има помали приноси, па ќе видиме како ќе заврши сезоната. Исто така, факт е и дека квалитетот на пиперката е полош. Од друга страна, земјоделците годинава се соочуваат со огромни трошоци за земјоделското производство – вели Велков.

Претседателот на Групацијата на конзервна индустрија Виктор Петков, кој е и сопственик на гевгелиската компанија „Випро“, вели дека е загубено многу време во земјоделството и како последица на тоа се случува да нема откуп за сè она што ќе го произведат земјоделците.

– Толкава е апсорпциската моќ на нашите производствени капацитети. Има многу причини зошто земјоделците се доведени во ситуација да не може да си го продадат произведеното. Пред сè, имаме многу малку ладилници. А и тие што ни се на располагање, имаат голем проблем со цената на струјата и има опасност да се затворат. Високата цена на струјата е голем проблем и за производствените капацитети и тука треба да помогне државата. Но, не само за струјата, потребна е една сеопфатна поддршка на индустриските капацитети за да тие се развиваат. Политиката во земјоделието треба да се води интегрирано. Да има групирано земјоделство со решен систем за наводнување и да има развиени производствени капацитети што имаат свои претставништва во странство, кои ќе се грижат за пласманот на производите – вели Петков.

Тој вели дека голем проблем е и работната сила, која веќе сме ја загубиле.

– И да почнат да се градат сега ладилници, од каде инженери? Па, тие заминаа во странство, а веќе заминуваат и работниците. Многу од земјиштето е напуштено – вели Петков.

Годишниот девизен прилив од конзервната индустрија е околу 70 милиони евра, половина доаѓа од ајварот, а дополнително, уште 20 до 25 отсто се од производи поврзани со пиперки.

Бројки:
6,2 милијарди денари е предвидената градба според добиените дозволи во јули

37,6 проценти помала вредност имаат одобренијата за градба во јули годинава, отколку ланскиот јули

907 станови ќе се градат според одобренијата за градба од јули

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот