Ахмети и Таравари условуваат: Нема влада без избор на шеф на државата во Собрание

Ахмети и Таравари/ Фото Слободен печат

Засега од ДУИ нема одговор зошто Ахмети ретерира во барањето и ја враќа државата во деведесетите години, кога првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров, беше избран во Собранието, а на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш предводена од Љубчо Георгиевски, беше востановена функцијата потпретседател на претседателот на државата.

Да се укине изборот на шеф на државата на непосредни избори, бараат и владејачката ДУИ и опозициската коалиција „Вреди“ спроти претседателските и парламентарните избори. Иако нивните барања, поврзани со отворањето на Уставот, се разликуваат во нијанси кога станува збор за новиот начин на избор на шеф на државата, и лидерот на ДУИ Али Ахмети и претседателскиот кандидат на опозициската коалиција „Вреди“ Арбен Таравари, нагласуваат дека без исполнување на овој услов, нивните партии и коалиции нема да бидат дел од ниту една идна влада.

Тенденцијата на двајцата лидери со овие предлози е Македонија да има Албанец – претседател на државата, бидејќи на непосредни избори тоа без претходен консензус е практично невозможно да се постигне.

Прво Таравари побара шефот на државата да се избира во Парламентот наместо плебисцитарно, а денеска Ахмети го надгради барањето и, освен претседателот, побара и воспоставување нова функција – заменик на претседателот на државата, кој исто така, би се избирал во Собранието, и тоа со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници и со т.н. Бадентерово мнозинство, односно просто мнозинство од пратениците од етничките заедници. Неговата цел е – етничка рамноравност и во државниот врв.

Засега од ДУИ нема одговор зошто Ахмети ретерира во барањето и ја враќа државата во деведесетите години, кога првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров, беше избран во Собранието, а на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш предводена од Љубчо Георгиевски, беше востановена функцијата потпретседател на претседателот на државата.

– Бараме уставна измена и избор на претседателот и заменик претседател на државата во Собрание за да ја оствариме нашата визија за консензуален претседател, како и вклучување на бугарската и другите заедници во Уставот. Пред Вас, давам одлучен завет дека ние нема да бидеме дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот и ќе одиме во опозиција за да се бориме и да ги победиме егзистенцијалните закани за нашата земја. Без да го заокружиме овој процес, мојата работа не е завршена и јас нема да го напуштам нашиот пат, нема да бидат раат без земјата да ја види светлоста на денот – рече Ахмети.

Ахмети пред две години, во изјава за „Слободен печат“, рече дека општеството треба претходно да се подготви за избор на Албанец-претседател на државата на непосредни избори, бидејќи меѓународните претставници му сугерирале дека ако предлогот оди преку Собранието, тоа ќе значи уназадување на демократијата.

– Битно е предлогот Албанец за претседател на државата да биде граѓанска иницијатива и да биде поддржан од сите граѓани, без оглед на етничката припадност. Ние го скршивме мразот, кога на последните претседателски избори не излеговме со свој кандидат, туку застанавме зад кандидатурата на Стево Пендаровски, па и ДУИ и јас лично водевме кампања за да победи – ни изјави тогаш Ахмети.

Лидерот на ДУИ таа „бомба“ ја фрли во екот на кампања за локалните избори во 2021 година и рече дека претседателската функција е последната бариера за уривање во меѓуетнички бариери во македонското општество.

– Многу е важно да се урне и тоа табу, да се урне митот дека Албанец не може да биде претседател на државата. Треба цивилниот сектор, интелектуалци и општественици, да ја отворат темата. Време е да почне да се зборува за тоа, а кога ќе се реализира, ќе видиме – рече тогаш лидерот на ДУИ.

Тој тогаш објасни дека ја напуштил идејата за избор на шеф на државата во Собранието, бидејќи немал поддршка од од македонските партии.

– Немам поддршка во Собранието за промена на Уставот во делот за избор на претседател на државата. Но, на тоа се решив и по сугестии од меѓународната заедница – рече тогаш Ахмети.

Прашан тогаш дали на претседателските избори во 2024 година ќе одат со партиски или натпартиски кандидат, тој одговори дека е рано да се каже. На прашањето дали можеби тој ја посакува функцијата, ни одговари:

– Јас не сакам функции. Тоа не е моја идеа, туку на британски професор кој во анализа од 2001 година напиша дека Ахмети ќе ја заврши политичката кариера како претседател на државата – ни рече тогаш Ахмети.

Ако тогап Ахмети немал поддршка во Собранието, нејасно е дали ја има сега ила ретерирањето во ставовите е заради предлогот на Таравари.

Таравари, пак, синоќа, на вонредна прес-конференција, истакна дека во претседателската трка тој со партнерите влегол со поголеми цели.

– Мојата цел и онаа на моите партнери е двојна – имаме намера за првпат албанскиот кандидат да влезе во вториот круг на претседателските избори и сакаме да ја отвориме големата дебата за функцијата претседател во нашиот политички систем – нагласи Таравари.

Тој додаде дека целиот наш политички и уставен систем е изграден по моделот на консензуална демократија меѓу двете најголеми националности, а тоа е санкционирано со воведувањето на Охридскиот договор во Уставот.

– Затоа, мојата претседателска платформа ќе се гради токму околу зајакнувањето на консензуалната демократија, во линија на мислата на Арбен Џафери. Моите партнери и јас целиме идното отворање на Уставот да вклучи три елементи: внесување на Бугарите и другите малцинства во Уставот; отстранување на 20 проценти што го дефинираат албанскиот јазик; и изборот на претседател да се прави во Собрание, а не преку избори. Ова е големата вест. На овој начин во иднина политичките сили што ги застапуваат двете најголеми националности заедно во Собранието ќе одлучуваат за распределба на трите највисоки државни функции – рече Таравари.

Тој ги повика Албанците и ДУИ да ја поддржат неговата визија и неговата кандидатура.

– Сега ја имаме можноста заедно да ја зајакнеме консензуалната демократија на уставен начин – рече кандидатот на „Вреди“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот