Сарај остана без градоначалник, ама Владата не остана без премиер – Уставот ги раздвојува функциите, Собранието ги спојува

Конституивна седница во собрание / Фото: Слободен печат - Драган Митрески
Конституивна седница во Собрание / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Според досегашната пракса има селективност во примената на Уставот и законите, односно на градоначалниците кои биле избрани за пратеници секогаш им престанува градоначалниката функција и се распишуваат предвремени локални избори, а премиерите и министрите кои се избрани за пратеници остануваат и во извршната власт до изборот на нова влада

Функцијата пратеник е неспојлива со друга функција и ако пратеникот Талат Џафери продолжи да претседава со техничката влада, а пратениците кои беа министри продолжат да ја вршат и министерската функција покрај пратеничката, со тоа ќе го прекршат Уставот и повеќе закони, категорични се експертите во врска со праксата што кај нас се спроведува со години наназад, а според која градоначалниците кои се избрани за пратеници во Собранието автоматски ја губат градоначалничката функција, а министрите кои станале пратеници продолжуваат да министеруваат. По денешната верификација на мандатите на пратениците во новиот собраниски состав општината Сарај остана без градоначалници, затоа што Блерим Беџети од ДУИ го прифати пратеничкиот мандати. За разлика од него, градоначалникот на Тетово Биљал Касами од „Вреди“ не го прифати пратеничкиот мандат и остана во локалната самоуправа. Во Сарај треба да се распишат предвремени избори за градоначалник, затоа што до редовните локални избори има повеќе од шест месеци. Локални избори ќе треба да се распишат и во Аеродром и во Гостивар доколку градоначалниците Тимчо Муцунски и Арбен Таравари станат министри во идната влада.

Џафери нема да оди во Собранието додека не се избере владата

За разлика од градоначалниците, техничкиот премиер Џафери и повеќе министри од техничката влада кои беа избрани за пратеници, како Фатмир Битиќи, Илир Демири, Љупчо Николовски, Славјанка Петровска и Бисера Стојчевска Костадиновска ќе останат и на министерските функции и нив нема да ги заменат некој од вицепремиерите и замениците-министри. Претседавачката на конститутивната седница Мерита Колчи Коџаџику по верификацијата на пратеничките мандати рече дека на пратениците кои се носители на функции им престанува функцијата, но, дел од нив ќе продолжат да ја вршат.

– Согласно член 8 од Изборниот законик на претседателот на Владата и на одделни членови на Владата со верификацијата на мандатот за пратеници им престануваат функциите во Владата заради неспојливост на функциите. Заради обезбедување на континуитетот во работата на Владата, Владата ќе ги врши само неопходните функции до изборот на нова – рече Коџаџику.

Таа всушност ги повтори зборовите со кои после секоја верификација на мандатите на новиот пратенички состав Собранието ѝ дозволува на Владата да продолжи да работи со истите функционери, без разлика што дел од нив во меѓувреме станале пратеници. Досега не се случувало актуелниот премиер, кој секогаш како носител на листа бил избиран за пратеник, да определи заменик до изборот на идната влада. Во 2020 година изборите се одржаа на 15 јули, а техничкиот премиер Оливер Спасовски продолжи да ја врши премиерската функција иако стана и пратеник, па на 31 август имаше примопредавање во премиерскиот кабинет помеѓу Спасовски и Зоран Заев. Ист беше случајот и со претходниот мандат, кога по изборите на 11 декември 2016 година техничкиот премиер Емил Димитриев беше избран за пратеник, но новата влада на чело со Заев се формираше дури во јули 2017 година, па Димитриев цели седум месеци беше и технички премиер и пратеник.

Дафина Стојановска / Конституивна седница во собрание / Фото: Слободен печат - Драган Митрески
Пратеничките Мерита Колчи Коџаџику и Дафина Стојановска / Конституивна седница во Собранието / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

По верификацијата за збор процедурално се јави Талат Џафери, кој рече дека сака да ја објасни ситуацијата пред јавноста.

– За да се спречи судир на интереси, јас ќе ја извршувам премиерската функција до изборот на новата влада, затоа што новото Собрание тоа ми го дозволи, но нема да учествувам во работата на Собранието. Мандатот на Владата се добива во Собранието, кое ја избира и ја разрешува. Претходниот состав на Собранието ја избра Владата, а новиот паралементарен состав нема акт за разрешување на владата, туку според заклулокот на овој состав, продолжува до изборот на новата влада. Сакам да ја известам јавноста и институциите дека како премиер нема да земам учество во работата на Собранието, затоа што врз основа на Законот за спречување на судир на интереси не можам во исто време да имам две функции, па до изборот на новата влада нема да земам учество во работата на Собранието. Ова е за да ги известам сите и да ги надминеме сите дилеми – рече Џафери од говорницата.

Се кршат Уставот и Изборниот законик

Според уставните експерти флагрантно кршење на Уставот е ако едно лице во исто време е пратеник и министер.

– Не е уставно еден ист човек да оди и на седница на Влада и на седница во Собранието. Каква и да е праксата досега, редно е да престане. Не мора да се носат законски измени за да се средат овие ситуации, министрите кои станале пратеници треба да им препуштат замениците-министри да ги водат министерствата до изборот на новата влада, и тоа како заменици, не мора да стануваат министри. Двојни стандарди се во прашање, градоначалниците веднаш го губат градоначалничкиот мандат – вели уставен експерт за „Слободен печат“, кој сакаше да зборува анонимно.

Поранешниот член на ДИК Јанаке Витановски вчера предупреди на кршењето на Уставот.

– Треба да се конституира новото Собрание и да се верифицираат мандатите на пратениците. Дали ќе се почитува Изборниот законик, член 8, како и член 63 од Уставот на Република Северна Македонија, или ќе се случи нешто друго во „Нашата земја“? Според Изборниот законик и Уставот функцијата пратеник е неспојлива со друга јавна функција, претседател на Влада, министер, градоначалник, советник, судија, обвинител, правобранител или друга функција. Со денот на верификација на мандатот им престанува мандатот на другата функција. Значи, сите кој вршат јавна функција треба да си дадат оставка од функцијата. Дали ќе се почитува Законот и Уставот? – напиша Витановски на „Фејсбук“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот