Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Адвокати што бранат обвинети за „Пулс“ го критикуваат обвинението како независни експерти, реагира Љупчо Коцевски

Јавниот обвинител на Република Македонија Љупчо Коцевски денеска испрати писмо со реакција до претседателот на Адвокатската комора Љубомир Михајловски во кое во име на Обвинителството најостро реагира за како што вели – начинот на кој дел од адвокатите јавно го коментираат поднесеното обвинение за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ и однапред изнесуваат како што се додава во писмото – неосновани очекувања во однос на траењето на судската постапка, без воопшто да се запознаени со содржината на обвинението, доказниот материјал или планираната динамика на Судот за одржување на рочиштата.

Ова е спротивно на член 13 од Кодексот за професионална етика на адвокатите, согласно кој во извршувањето на својата професија, адвокатот е должен да го чува угледот на судот и институциите пред кои се јавува. Неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во спроведувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките.
Изнесувањето на неосновани проценки во поглед на долгото траење на судската постапка наштетува пред се на угледот на Судот и претставува обид истиот да се прикаже како спор и неефикасен, иако судењето воопшто не е започнато. Нагласуваме дека Јавното обвинителство во моментов води повеќе активни судски постапки со кои се опфатени повеќе десетици обвинети, а судењата течат редовно и без застој. Јавните обвинители се водат единствено од доказите и немаат никаква можност да избираат колку обвинети ќе вклучат во постапките што ги водат, пишува во писмото од Коцевски до претседателот на Адвокатската комора.

Притоа, се продолжува во дописот –  укажуваме дека одредени адвокати го злоупотребуваат професионалното својство, се претставуваат и ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без притоа да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент, доведувајќи ја со тоа во заблуда јавноста и особено оштетените.

Местото за соочување на доказите е судницата, се вели во дописот.

Избегнувањето на судската постапка и обидот да се влијае на процесот со јавно изнесување на дезинформации, само ја покажува цврстината на доказите обезбедени од Обвинителството. Во прилог на тоа говори и фактот дека ниту еден од бранителите до овој момент до обвинителството не доставил доказ или известување дека презел самостојно дејствие за обезбедување докази во корист на неговиот клиент согласно член 306 од ЗКП. Во тој контекст, особено би сакале да го посочиме учеството на адвокат Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24 на 08.10.2025 година како пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите. Во емисијата таа изнесува комплетни невистини дека не и бил даден дел од доказниот материјал кој е приложен заедно со обвинението, обидувајќи се на тој начин да го наруши интегритетот на истрагата и угледот на јавнообвинителската институција. Наведените пораки се дел од извештајот за анализирана телефонска комуникација изготвен од МВР-БЈБ кој е дел од доказниот материјал доставен интегрално во судот и до сите бранители, му напиша Коцевски на Михајловски.

Притоа се додава дека целокупниот доказен материјал за предметот „Кочани” е навистина обемен и е резултат на макотрпна интензивна работа на јавните обвинители.

Доколку почитуваната адвокатка не го презела во целост или се уште не стигнала ни да го прегледа, што е нејзина должност како бранител, тоа ќе има можност да го истакне пред Судот онака како што налага Законот за кривична постапка. Ова особено бидејќи наведените пораки воопшто не се однесуваат на нејзиниот клиент. Ваквиот јавен настап е целосно спротивен на општиот принцип број 5 од Кодексот кој им забранува на адвокатите да се рекламираат и да бараат личен публицитет на недостоен начин, какво што е впрочем изнесувањето целосни невистини, пишува Коцевски до претседателот на адвокатската комора.

Во обраќањето се вели дека пред нас како држава се наоѓа тежок, но исклучително важен судски процес со кој треба да се испорача правда за сите жртви во кочанската трагедија.

Адвокатите исто така имаат професионална одговорност да дадат придонес за ефикасно и правично судење. Барам од Вас, како претседател на организацијата која треба да ги штити професионалните стандарди на адвокатурата, да апелирате во тој поглед. Јавните обвинители, поради обврската кон семејствата на жртвите и кон повредените, но и кон целокупната јавност, ќе реагираат и остро ќе се спротивстават на секој обид за одолговлекување или компромитација на постапката. Јавнообвинителскиот тим кој ќе го застапува обвинението во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ е единствен и ја има апсолутната поддршка од целокупната јавнообвинителска организација. Како одговорна и сериозна институција нема да дозволиме ниту едно единствено рочиште да се одложи или да биде обременето по вина на јавен обвинител. Поднесениот обвинителен акт е потврден од Судот и е стапен на правна сила. Наскоро ќе следуваат одлуки и во други постапки поврзани со овој тежок настан. Јавното обвинителство до крај ќе ја почитува пресумпцијата на невиност на обвинетите, но ќе инсистира на кривичен прогон на секој еден сторител на кривично дело, пишува во писмото од државниот јавен обвинител до претседателот на Адвокатската комора.  

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот