Петре М. Андреевски - Фото: Facebook

Денеска се навршуваат 19 години од смртта на писателот Петре М. Андреевски, кој остави неизбришлив белег во македонската книжевност

Македонскиот поет, романописец, прозен и драмски писател Петре Мито Андреевски е роден во Слоештица на 25 јуни 1934 година. Познат како Петре М. Андреевски, се смета за еден од најталентираните и воедно најомилените автори во македонската книжевност. Неговите раскажувачки дела често носат необична и необјасниво испреплетена структура, но токму преку таа посебност воспоставуваат блиска врска со читателот, отворајќи свет кој изгледа препознатлив – како одек од старите, понекогаш и мрачни народни преданија. Во мај 2000 година Андреевски бил избран за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Животопис

Петре М. Андреевски е роден во демирхисарското село Слоештица, во 1934 година. Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по југословенска книжевност. Работел во Македонската телевизија, а бил и уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центри на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател). Петре М. Андреевски почина на 25 септември 2006 година во Скопје. По неговата смрт, на 9 октомври 2007 година, Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, посмртно му доделил Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.

Во 2022 година, во родното село Слоештица, била отворена Спомен-соба во негова чест.

Книжевно творештво

Творештвото на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома, соодветно.

Стихозбирки:

Јазли (1960)
И на небо и на земја (1962)
Дениција (1968)
Дални наковални (1971)
Пофалби и поплаки (1975)
Вечна куќа (1987)
Лакримариј (1999)

Збирки раскази:

Седмиот ден (1964)
Неверни години (1974)
Сите лица на смртта (1994)
Боеми (посмртно)

Романи:

Пиреј (1980)
Скакулци (1983)
Небеска Тимјановна (1988)
Последните селани (1997)
Тунел (2003)
Бежанци (посмртно)

Книга со драми (1984), во која влегуваат:

Време за пеење
Богунемили

Есеи:

• Сегашно минато време (2006)

Стихозбирки за деца:

Шарам барам
Касни – порасни (сликовница)

Награди:

Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати). Романот „Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката „Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.

• 2007 – посмртно одликуван со Орденот за заслуги за Македонија.

Значење и влијание:

На Петре М. Андреевски се посветени песната „Дални наковални“ на Васил Тоциновски и „Пиреј“ на Анте Поповски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот