Собранието суди за амнестија по кратка постапка

Дебата за законите за амнестија/фото: Слободен печат

Законот за амнестија се носи од нужда заради катастрофалните услови во македонските затвори кои не се достоинствени за престој на луѓе, но мора да се потенцира дека секоја амнестија е сериозен упад на законодавецот во судството, па затоа овој правен институт треба да биде исклучок, а не правило и секогаш стого прецизно да се дефинира за што конкретно се дава амнестија, препорачаа правните експерти Светомир Шкариќ и Владо Камбовски на дебатата за што ја организираше Македонското пенолошко друштво во врска со новиот предлог-закон за амнестија кој веќе е во собраниска процедура на донесување во скратена постапка. И Шкариќ и Камбовски се согласуваат дека во овој закон за амнестија има јасно и прецизно разграничување што конкретно подложи на амнестија, за разлика од претходните примери кога имаше и бланко-амнестии, на пример, онаа по војната во 2001 година, но, за да не се повторува ваква потреба во иднина потребно е да се подобрат условите во затворите и судиите да се навикнат да ги применуваат алтернативните казнени мерки.

Професорот Камбовски вели дека ова прашање ја допира поделбата на власта, односно, со законот за амнестија Собранието упаѓа во сферата на казнената политика така што врши корекции на правосилни пресуди со изречени казни затвор. Амнестијата, вели, е исклучок и има оправдани причини кога се носи, а ако Собранието пречесто ја носи тоа значи значително ограничување на судската власт.

– Сега аргумент е преоптовареноста во затворите. Кај нас годишно по околу 1.500 се со казна затвор, а околу 3.500 лица со условни казни, но, бројот на затвореници се кумулира од година во година. Капацитетите на затворите се слаби, особено на Идризово и се под стандардите на ОН за мининални услови за третман на осудени лица, за што добиваме забелешки од Советот на Европа. Тие стандарди постојано се менуваат, една изградена затворска институција од пред 10 години денес не ги задоволува стандардите. Тој аргумент треба да е клучен. Не можете човек да го фрлите во такви крајно нехумани услови како во нашите затвори. Самоувство за човековите права еволуира, еден ден затвор пред 15 години имал една вредност, денес има друга – вели Камбовски.

Тој додава дека затворот треба да се користи како крајна мерка, а повеќе да се применуваат алтернативни санкции на слобода, особено за првопрестапниците.

– Но, тешко се пробиваат тие иновации во нашето право, како пробација, куќен затвор и сл. Во новиот Кривичен законик се подигнува границата за изнемоштени, немоќни и стари лица кои се осудени до пет години затвор, казната да ја лежат дома, во куќен затвор – вели Камбовски.

Според Шкариќ, ова ќе биде осма амнестија во Македонијаи таа е од нужда, не е од рационалност.

– Во затворите нема место за нови криминалци и ние тоа го дозволивме. Поради немарност на одговорните лица за одржување на затворските услови сега мора да настрада правото, особено уставното и кривичното право. Зошто страда и уставното право? Затоа што со секоја амнестија, а со оваа посебно, прешироко се навлегува во судската власт. Фактички, Собранието игра улога на суд и тоа суди по кратка постапка. Имаме еден парадокс. Судските постапки траат долго време бидејќи тоа го бара правдата, некои траат и по 10 години, се води сметка обвинетиот да дојде до израз, судијата размислува врз основа на доказите каква пресуда да донесе и одеднаш таа правосилна пресуда законот ја укинува, па дури има намера и да ја избрише. Со тоа целит тој судски труд паѓа во вода. Со други зборови, законодавевот со такви закони го уништува судството. Оттука, на секоја амнестија и на помилувањето мора да се внимава. Тоа е голем удар и на правниот систем и на судството, кое се прави од нужда. Од нужда не беше само амнестијата во 1998 година, но беше донесена за да може коалициските партнери да формираат влада, од политички причини. Втората амнестија во 2002 година беше изнудена од конфликтот, но таа фактични беше бланко амнестија. Секој можеше да потпише чек, бланко-чек и да биде ослободен. Тоа е доказ дека и во такви состојби била Македонија. Единствена оправдана амнестија е за прекршоците со ковид, за другите амнести немам разбирање – изјави Шкариќ пред новинарите.

На дебатата професорот Шкариќ истакна дека имаме екстензивен приод кон амнестијата, затоа што досега сме имале седум амнестии, а сега се подготвува осмиот.

– Првата амнестија е донесена во 1998 година. Претседателот Киро Глигоров беше шокиран од тој закон, кој беше предложен од политички прилини за да можат партиите ВМРО-ДПМНЕ и ДА да формираат коалиција со албанска партија. Но, тоа не треба да изненади, власта може чуда да прави, а ние секојдневно ги гледаме чудата. Една власт штом е суверена, над неа е само небото – рече Шкариќ.

Според него со амнестијата се менува суштината на судската пресуда, а од гледиште на уставното право пресудата е најцврстиот темел на правниот систем, најцврста точка на која се потпира владеењто на правото.

– Процедурата, формата низ која се нсои пресудата, посебно пресуда во повеќе степени, по природа на нештата е легитимна и најцврста и кон неа треба сите актери да се однесуваат со почит. А ваквото однесување кон донесените пресуди, самоволно однесување, е уривање на правниот поредок. И тоа е мојата главна теза на која го темелам мојот однос кон амнестијата. Втората амнестија во 2002 година премногу го рашири фронтот. Професорот Марјановиќ таа амнестија ја има оценето како бланко-меница. Секој учесник во конфликтот во 2001 година независно какви кривично дело сторил имаше можност да ја потпише меницата и да биде ослободен од кривичната одоворност. Таа амнестија е изнудена, но прашање е дали во таков обем? Јас мислам дека обемот беше преширок и дека ниеден меѓународен субјект, вклучувајќи ги и тогашните поддржувачи на ОНА не би имале аргументи да се спротистават на одредени кривични дела што се направени за време на тој конфликт и од едната и од другата страна. Но, таков широк приод кон амнестијата не верувам дека може да се повтори. Овој сегашен приод, законот што сега се нуди, е покорентен и порестриктивен и се гледа дека авторите ги консултирале учебниците и тоа е добро. Амнестијата ја врзува за одреден број на кривични дела и за одредено ниво на казна, што се двата критериуми за амнестија. Но, кога се поставува прашањето на бришење на пресудата, за мене тој термин е доста артилериски, воинствен и тежок – рече професорот Шкариќ.

Според него, амнестијата за прекршителите на ковид-мерките е праведна, бидејќи амнестираните направиле кривични дела кои веќе престанале да важат законите, но другите амнестии се неправда и користат за уривање на системот.

Професорот Камбовски на дебатата искакна дека право е само она што ѝ служи на правдата, а има закони што не ѝ служат на правдата, ама тие не се право. И тој се осврна на амнестиите од 1998 година и на таа по вооружениот конфликт во 2002 годона.

– Јас како министер за правда тогаш ја предложив амнестијата во 1998 година. Да го тестираме тој закон сега од аспект на правото и правдата. Во нашите затвори имаше двајца политички затвореници, градоначалник на Гостивар поради истакнувањето на знаме и лице од Тетово заради настаните со универзитетот и цела Европа се крена на нозе дека држиме политички затвореници и дека не сме демократска земја. Се обидовме да го убедиме Глигоров да даде помилување, тој не сакаше, па остана решението за амнестија. Ама амнестија не може да се даде само на двајца, се разви дискусија, допре до затворениците, па тие организираа бунт во затворот и бараа и тие да бидат ослободени. Оттука дојде законот, не како изнудена реакција, а сега е прашањето дали беше праведен, дали служеше на социјалната стабилност и дали може да важи едно добро правило дека некогаш е дозволена помала неправда заради поголема правда. Тој резон победи и тој закон не доживеа сериозни критики, беше прецизен кој и за што се ослободува. Следниот амнестија на која работев беше за настаните во 2001 година, но тој закон беше лош, неодреден, со формулација дека се ослободуваат лица за дела поврзани со конфликтот од 2001 година. Не беше прецизирано за кои дела, спротивно на правото начело дека законите треба да бидат одредени и прецизни. Истото се случи и во законот од 2018 година, каде ја имаме истата формилација дека се амнестираат лица за дела поврзани со настаните од Собранието од 27 април 2017 година, и потоа додава дека не се однесува на лицата кои се осомничени, обвинети и правосилно осудени за подготвување или органирање, за лица со прикриен идентитет…. Значи, една флуидна одредба која практично го препушти жешкиот костен на судот. И со тоа, тој закон не беше вистински закон за аместија, затоа што немаше точна и прецизна одредба за кои кривични дела е. Судиите се најдоа во небрана ситуација затоа што законот привилегираше едни, а дискриминираше други. Овој закон не може да се смета за право, затоа што собраниската власт влета во судските сали и овозможи по слободно верување на судииите да ослободуваат едни, а дури не, а одлучовачки момент беше политичкиот за тоа кој ќе биде ослободен. Мислам дека тие поуки законодавецот треба да ги извлече до крај и тоа да е последен акт кога на тој начин Собранието се вмеша во судкста власт – рече Камбовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот