Зошто „Убиј го Бил 3“ треба да биде последниот филм на Тарантино

IMDB

Популарниот режисер во неколку пригоди има изјавено дека десеттиот филм што ќе го режира, ќе биде негов последен филм. Откако го сними „Беше еднаш во Холивуд“, негов деветти филм, обожавателите се прашуваат дали тој веќе се подготвува за пензија.

Љубителите на делата на Квентин Тарантино, предлагаат за последен 10-ти филм да го избере третото продолжение на „Убиј го Бил“, бидејќи тоа е приказната која го вивна во ѕвездите и по која е препознатлив. Поради тоа тие сметаат дека не постои подобар начин да ја заврши кариерата, освен со трето продолжение на овој филм, а за тоа наведуваат пет причини.

1. Неодговорено прашање

Ако нешто остана нејасно по снимањето на двата дела од „Убиј го Бил“, тоа е прашањето – што ќе се случи со Ники, ќерката на Вернита Грин? Имено, во сцената кога Невестата (Ума Турман) ја убива Вернита, зад неа се појавува Ники. Тогаш Невестата ѝ вели дека немала намера да ја убие мајка ѝ, особено не пред неа, и кога ќе порасне, ако чувствува потреба за одмазда, таа ќе ја чека.

IMDB

2. Трилогија е совршен начин да се заврши кариера
И ден-денес се водат дебати дали „Убиј го Бил“ се два дела од ист филм, или два одделни филма. Тарантино неколкупати објасни дека немал намера да снима два дела, но така се случило бидејќи сакал добро да ја раскаже приказната. Е, па, сега обожавателите велат ако има 1 и 2, тогаш сосема е во ред да се сними и трет дел. На тој начин ќе се комплетира приказната, која за многумина има многу неразјаснети работи.

3. „Убиј го Бил“ беше пресвртница за режисерот
Погледнете ја кариерата на Тарантино пред и по снимањето на филмот. Претходно ѝ ги даде на публиката „Касапски кучиња“; „Евтини приказни“ и потценетиот „Џеки Браун“. Сите тие се необични на свој начин и не можат да се сместат во конкретен филмски жанр. Но „Убиј го Бил 1“ беше пресвртница за режисерот бидејќи филмот е сосема поинаков од претходните. Тој е полн со акција, има своја оригинална приказна и им оддава голема почит на филмовите со борбени вештини. „Убиј го Бил 2“ тргна малку во вестерн насока, жанр кој исто така Тарантино многу го сака. Снимањето трет филм во кој Тарантино ќе може да ги потсети обожавателите на неговите претходни филмови во кои платените убијци носат костуми е совршен начин да се заврши кариерата.

4. Тарантино најави неколку проекти што не ги заврши
Иако публиката со нетрпение очекуваше, не го виде „Двојно В“, филмот во кој Винсент Вега од „Евтини приказни“ и Вик Вега од „Касапски кучиња“ поминуваат долг викенд во Амстердам. Исто се случи и со најавеното продолжение на „Неславни копилиња“, бидејќи Тарантино во неколку пригоди најавуваше продолженија на своите филмови, но не ги сними, така што „Убиј го Бил 3“ ќе биде одлична можност да се оправда пред публиката. Покрај тоа, овој филм има приказна одлично започната во претходните два дела, само ѝ недостасува интересна завршница.

5.  Филмот може да биде СФ
И на крајот „Убиј го Бил 3“ е одлична можност да ги искомбинира сите други жанрови што Тарантино ги сака, но со кои досега нема експериментирано. Тој снимаше вестерни, криминални, епски воени филмови, историски драми, филмови со боречки вештини, но што е со хорор и научнофантастичните филмови, за кои во неколку пригоди има кажано дека ги обожава и сака еден ден да ги режира. Еве му шанса тоа да го исполни, а публиката ќе има можност да ужива во уште едно негово „откачено“ дело.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот