Фото: PxHere

Зошто сините очи не се навистина сини и зошто зелените очи се толку ретки

Кога ќе запознаете со некого, вниманието често го привлекуваат неговите очи. Тие можат да бидат длабоки, земјено-кафеави, бледо сини или ретка зелена боја што ја менува нијансата со секое треперење на светлината.

Очите имаат моќ да нè задржат, да разбудат препознавање или љубопитност пред да се изговори еден збор. Тие често се првото нешто што го забележуваме кај некого, а понекогаш и карактеристиката што ја паметиме најдолго.

Низ целиот свет, човечките очи опфаќаат широк спектар на бои. Кафеавата е убедливо најчестата нијанса, особено во Африка и Азија, додека сината е најчеста во северна и источна Европа.

Зелената е најретка од сите, се појавува само кај околу два отсто од светската популација.

Очите со боја на лешник додаваат уште поголема разновидност, честопати делуваат како да се менуваат помеѓу зелена и кафеава во зависност од светлината.

Сè е во меланинот

Како што објаснува Давинија Бивер, постдокторски истражувач на Универзитетот Бонд, одговорот лежи во ирисот, обоениот прстен од ткиво што ја опкружува зеницата. Тука, пигментот меланин игра главна улога.

Кафеавите очи содржат висока концентрација на меланин, кој апсорбира светлина и создава потемен изглед. Сините очи содржат мошне малку меланин. Нивната боја воопшто не потекнува од пигментот, туку од разлевањето на светлината во ирисот – физичкиот феномен познат како Тиндалов ефект, сличен на оној што го прави небото сино.

Кај сините очи, пократките бранови должини на светлината (како што е сината) се расејуваат поефикасно од подолгите, како што се црвената или жолтата. Поради ниската концентрација на меланин, се апсорбира помалку светлина, а разлиената сина светлина доминира во она што го гледаме. Таа сина боја, тогаш, не е резултат на пигмент, туку на начинот на кој светлината комуницира со структурата на окото.

Зелените очи настануваат како рамнотежа – умерена количина на меланин со делумно разлевање на светлината. Очите со боја на лешник се уште посложени – нееднаквата распределба на меланинот во ирисот создава мозаик од бои што можат да се менуваат во зависност од околната светлина.

Каква врска имаат гените со тоа?

Генетиката на бојата на очите е подеднакво фасцинантна.

Долго време се веруваше во едноставен модел „кафеавата ја победува сината“, кој го контролиран еден ген. Меѓутоа, истражувањата покажаа дека реалноста е многу посложена.

Повеќе гени влијаат врз одредувањето на бојата на очите. Ова објаснува зошто децата во исто семејство можат да имаат сосема различни бои на очите и зошто двајца родители со сини очи можат да имаат дете со зелени или дури и светло кафеави очи.

Бојата на очите, исто така, се менува и со текот на времето. Многу бебиња од европско потекло се раѓаат со сини или сиви очи, бидејќи нивото на меланин им е сè уште ниско. Како што пигментот постепено се зголемува во првите години од животот, сините очи можат да станат зелени или кафеави.

Во возрасната доба од животот, бојата на очите е генерално стабилна, но мали промени во изгледот се чести во зависност од светлината, облеката или големината на зеницата. На пример, сино-сивите очи можат да изгледаат многу сини, многу сиви или дури и благо зелени, во зависност од амбиенталното осветлување.

Потрајните промени се ретки, но можат да се појават со возраста или како резултат на одредени здравствени состојби кои влијаат на меланинот во ирисот.

Вистински реткости

Хетерохромијата – кога едното око е со различна боја од другото или едната зеница содржи две јасно различни бои – е ретка, но впечатлива реткост. Може да биде генетска, последица на повреда или поврзана со специфични здравствени состојби.

Примери се познати личности како Кејт Босворт и Мила Кунис. Очите на музичарот Дејвид Боуви изгледаа како да се со различна боја поради трајно проширена зеница по несреќата, создавајќи ја илузијата за хетерохромија.

На крајот, бојата на очите е повеќе од само комбинација од генетика и физика. Таа е потсетник за тоа како се испреплетуваат биологијата и убавината. Секоја зеница е како мал универзум – прстени од пигмент, златни точки или темно кафеави длабочини кои на светлина секогаш изгледаат различно.

Нашите очи не само што ни овозможуваат да го гледаме светот, туку и нè поврзуваат едни со други.

Без разлика дали се сини, зелени, кафеави или некаде помеѓу, секој пар очи раскажува единствена приказна – за наследството, индивидуалноста и тивкото чудо на тоа да се биде човек.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот