
Зошто пораките од телефонот на Фон дер Лајен автоматски се бришат? Од Европската комисија велат дека е поради технички причини
Европската комисија ја бранеше употребата на пораки кои автоматски се бришат од телефонот на претседателката Урсула фон дер Лајен, оправдувајќи го бришењето на некои од политички најчувствителните комуникации во рамките на ЕУ. Според портпаролот, причината е чисто техничка, пишува Политико.
Препорачано
„Пораките на претседателката на Комисијата Фон дер Лајен се бришат автоматски по некое време, чисто поради простор. Инаку телефонот би се запалил“, изјави вчера портпаролот на Комисијата, Олоф Гил.
Одговорот следеше по новинарско прашање за текстуалната порака од францускиот претседател Емануел Макрон, во која тој ја замолил Фон дер Лајен да го блокира трговскиот договор ЕУ-Меркосур. Откако Политико објави за пораката од 2024 година, Европскиот омбудсман потврди оваа недела дека отворил истрага за преписката.
Комисијата тврди дека Фон дер Лајен постапила во согласност со внатрешните правила. Имено, употребата на пораки што исчезнуваат е препорачана во упатствата на Комисијата од 2022 година.
„Од една страна, тоа го намалува ризикот од протекување на информации и нарушувања на безбедноста, што секако е важен фактор.
Претседателката ги следеше овие внатрешни упатства и ја користи опцијата за пораки што исчезнуваат, што објаснува зошто не можевме да ги преземеме таквите СМС-пораки“, рече портпаролот на Комисијата, Балаж Ујвари, кој додаде дека СМС-пораките можеби ќе треба да се регистрираат под одредени околности – на пример, ако има потреба од понатамошни дејствија, ако има административно или правно влијание.
Во случајот со пораката на Макрон, Комисијата проценила дека таа не ги исполнува критериумите за архивирање.
Ова не е прв пат комуникациските навики на претседателката на Комисијата да кренат прашина. Нејзините СМС-пораки со извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурл, поврзани со договорите за вакцини против Ковид, исто така никогаш не беа архивирани, што доведе до истрага позната како „Фајзергејт“.
Аферата „Фајзергејт“ може да значи крај за шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен