Зошто никој не реагира на бугарскиот вербален неофашизам кон Македонија?

Румен Радев
Румен Радев / Фото: EPA/VASSIL DONEV

Загрижува молкот од ЕУ и од САД на најновите геноцидни изјави на копретседавачот Ангел Димитров кон Македонците, кој им се обрати директно и на партнерите ЕУ и САД, а оттаму нема никаква реакција – вели Тито Петковски, од НСДП.

Новиот наратив од Софија дека „СССР насила го наметнувал македонизмот како државна политика во Бугарија и во Југославија“ и дека Македонија ќе биде „Тројански коњ на Русија во ЕУ“, освен што е тешка глупост без никаква основа, истовремено е и чист неофашизам насочен кон Македонија, вели пратеникот Тито Петковски, лидер на НСДП и коалициски партнер во Владата.

– Загрижува молкот од ЕУ и од САД на најновите геноцидни изјави на копретседавачот Ангел Димитров кон Македонците, кој им се обрати директно и на партнерите ЕУ и САД, а оттаму нема никаква реакција. А да тврдиш дека некој измислил цел народ, прво Тито, сега Сталин, е геноцидна теза. Најдобра дефиниција за бугарскиот однос кон нас неодамна даде професорот Френсис Фукујама. Никој не може да го наметне никому овој нов наратив, на ниту една влада или институција, затоа што нема никаква вредност и поткрепа дека е така. Но, ова покажува дека неофашизмот во Бугарија добива гласност и повеќе не се крие. Загрижува молкот и на бугарската влада, ме плаши, затоа што Ангел Димитров не е случаен човек, туку е копретседавач на мешовитата комисија, именуван од бугарската влада. Не е небитен лик и не држи објаснувањето на неговиот македонски колега Драги Ѓоргиев дека тој во колумната искажувал приватни ставови. Барем македонската влада требаше да реагира и да бара негова смена од бугарската влада заради неприфатливи и деформирани ставови – вели Петковски за „Слободен печат“.

Тој додава дека однесувањето на Димитров ги поткопува напорите на двете влади, кои периодов напорно работат да постигнат заемно прифатливо решение и да се деблокираат евроинтегративните процеси за Македонија и наликува како да ја користи војната во Украина за дополнително да ги забави преговорите.

Петковски вели и дека никој нам не смее да ни забранува да ја кажуваме нашата страна, како што неодамна се обиде евроамбасадорот Дејвид Гир, кој рече дека не треба да се споредува рускиот наратив кон Украина со бугарскиот кон Македонија.

– Не може да се молчи на изливи на неофашизам. Тоа што Бугарија прва нè признала, не значи многу споредено со огромната штета што ни ја направи досега. Никој не зборува за тоа, но од блокадата во Брисел досега Македонија изгуби 260 милиони евра европски пари што ќе ги добиеше како помош ако ги почнеше преговорите за членство. Значи, со ветото Бугарија води економска војна со нас – заклучува Петковски.

Според аналитичарот Александар Кржаловски, поддршката за членство на Македонија во ЕУ во новите околности сè повеќе ќе опаѓа, што покажуваат и негативните реакции во јавноста по посетата на високиот еврокомесар Жозеп Борел, кој наместо датум, ни вети „волја за преговори“.

– Сепак, очекувам Бугарија да биде под засилен притисок да се најде решение во текот на овие месеци од француското претседателство, а мислам дека и тие се сè посвесни дека ќе треба да ја ослободат блокадата на Македонија и Албанија за почеток на преговорите. Но, тоа не ме секира многу. Повеќе ме плаши притисокот, па и желбата на нашата Влада да се најде решение и во таа смисла и подготвеноста за отстапки, бидејќи на крајот, само така ќе може и Бугарија да се одоброволи да отстапи од блокадата. И ми се чини дека, дали под превезот на вниманието кон војната во Украина или и без тоа, оваа Влада ќе ги направи сите отстапки што се бараат за да се стигне до деблокада – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Тој додава и дека бугарската реторика кон нас не е слична, туку идентична како руската кон Украина.

– Секое тврдење дека не е така е навреда на интелигенцијата. А, пак, тврдењето дека таква споредба не е во наш интерес, нè тера да се запрашаме – а што е тогаш наш интерес, кој го дефинира и уште повеќе, кој, како и каде го брани? – вели Кржаловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот