Зошто фудбалерите не се радуваа по ремито против Англија

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Како за ниеден селектор досега, фејсбук-профилот на Фудбалската федерација на Македонија објави видео од соблекувалната на македонската репрезентација во кое селекторот Благоја Милевски, како во спотовите од пропагандната машина на српскиот претседател Александар Вучиќ, им честита на фудбалерите за ремито против Англија во Скопје.

Откако е отворен официјалниот профил на ФФМ на оваа социјална мрежа, фудбалска Македонија имаше, за неа, два историски успеха – пласман на сениорско Европско првенство и победа во полуфинален бараж-натпревар за пласман на Мундијал во Италија, но и во двата случаи ФФМ не објави слично видео со „мотивациски говори“ на селектор или кој и да е друг претставник на ФФМ.

Зошто токму сега ваков преседан? Затоа што со последниот натпревар во овие квалификации за Евро 2024 завршува и договорот на Милевски. ФФМ намерно го воспева небаре е најзаслужен за успехот против Англија, со цел да го оправда потегот што го планира, а тоа е продолжување на соработката со актуелниот селектор. Управниот одбор на ФФМ, неофицијално, веќе му дал „пас“ дека ќе ја води најдобрата македонска селекција и во наредниот период.

„Ми се допаѓа што не се радувате за бод со Англија!“ вели Милевски во видеото од соблекувалната и им честита на играчите додека камерата го држи во крупен кадар. А немаше гледач на трибините што не знаеше дека Англичаните „ќе ги чуваат нозете“ на тврдиот терен во Скопје кога веќе имаат обезбедено прво место во групата и дека и на скопската нерамна трева нема да истрчаат најскапите англиски нозе.

Милевски навистина треба да се запраша зошто репрезентативците не се радуваа на освоениот бод против велесилата. Нема збор дека играчите заслужуваат честитки, но дали и тој заслужува пофалби? Можеше ли да се извлече и повеќе од скромните осум бода од осум натпревари во овој квалификациски циклус? Дали подобар стручњак ќе знаеше да го спречи пресвртот на Украинците среде Скопје, по почетното водство од 2:0 (на крајот пораз од 2:3), па и да ја ублажи катастрофата на „Олд Трафорд“ од 0:7!
Во што назадувавме? Досега сме немале 2,5 примени гола по натпревар во ниеден циклус. Најлош просек претходно имавме во квалификациите за СП 2006 – два гола по меч. Како ли ќе беше да го немавме извонредниот Столе Димитриевски на голот!

Македонија го доживеа најтешкиот пораз во историјата – 0:7! Претходно имавме неколку порази од 0:5, како и пораз од 1:6 против Србија.
Се враќаме на неславното четврто место во групата, каде што најчесто, и претходно, ги завршувавме квалификациите за ЕП и СП. Но, ниедна од тие претходни генерации не беше изборила пласман, прво на младинско ЕП, а потоа и на сениорско ЕП!

По освоеното трето место во квалификациите за ЕП 2020 и 14 бода во вкупното конто, како и второто место во „филтерот“ за СП 2022 (пет победи, три реми и само два пораза, со гол-разлика 23-11 и 18 бода), само две победи против аутсајдерот Малта, четири порази и две нерешени средби против фаворитите се премалку. Притоа, голема заслуга, според зборовите на Лучано Спалети и Герет Саутгејт, имаа и лошите терени на Националната арена. А „истиот тим славеше во Палермо“, би рекол Милевски.

Нејсе, селекторот продолжува да биде самобендисан. Како да не ги слушна свирежите со кои публиката го „награди“ кога официјалниот спикер на стадионот го прочита неговото име. Ваквото расположение кон него не го спречува да изјавува дека „создава тим за наредните четири-пет години“. Затоа што знае дека ќе остане на селекторската клупа.

Неговата самоувереност доаѓа од добрите односи со раководството на ФФМ. Соработката е на обострано задоволство, но и на незадоволство на дел од навивачите со кои селекторот дури влезе во конфликт на средбата со Финска. Федерацијата и заштедува со неговата плата (неофицијално, седум илјади евра), зашто е трипати помала од некои „грофовски“ барања од соседството.

Особено што искуството покажува дека, освен Сречко Катанец, ниеден странец селектор досега не се прославил. Ниту Слободан Сантрач, ниту Џон Тошак, ниту Љубинко Друловиќ!
Прашање од милион долари (толку би ја чинел ФФМ најевтиниот странец за четиригодишен договор?!) е – дали е Милевски вистинското решение?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот