Зошто Африка е важна цел за руската пропаганда?

Демонстрации за поддршка на „Вагнер“ во ЦАР - Фотографија Profimedia

Русија со години се обидува да го зголеми своето влијание во африканските земји – преку кампањи на дезинформирање или со присуство на групата Вагнер.

Во ера на растечки технолошки напредок и пенетрација на интернет низ субсахарска Африка, Русија ја користи шансата да го преплави африканскиот информативен пејзаж со измамнички наративи. Почнувајќи од теми повразани за здравје преку економски па се до оние поврзани со безбедноста. Овие наративи се пренесуваат со огромен број лостови за манипулација и главно преку Интернет анализира во текст на оваа тема магазинот „ЕУ Дезинфо“.

Како што пренесува медиумот во текот на изминатите години, Русија негуваше дезинформациски екосистем на африканскиот континент, каде што фабрикуваните и непроверени информации често го затемнуваат фактичкото известување и независното новинарство во голем број африкански земји.

Надвор од доменот на користење манипулации со информации против Западот, оваа подмолна активност ја поткопува довербата во демократските институции и предизвикува значителни безбедносни грижи за локалното население.

Додека Русија и нејзината индустрија именувана како ФИМИ (Foreign information manipulation and interference) тврдат дека Кремљ е уникатно позициониран да обезбеди безбедносна и воена помош на нациите на кои им е потребна, реалноста дава сосема поинаква слика – обележана со тековното влошување на безбедноста и стабилноста. Ова не само што ја нагласува неспособноста на Русија да ги исполни своите обврски, туку и јасно го илустрира недостатокот на вистинска намера да го стори тоа.

Меѓутоа, Русија има намера дополнително да ја прошири својата злонамерна активност низ целиот континент, наведува медиумот.

Како Путин преку кампања во Африка ја легитимираше војната во Украина

Една од најважните цели на Русија е дипломатско легитимирање на нејзината војна во Украина.

„На Русија навистина ѝ е потребна Африка”, вели за Дојче Веле Марк Дурксен, научен соработник во „Африканскиот центар за стратешки студии“, додавајќи дека „Русија меѓународно е сѐ поизолирана”.

Токму африканските земји кои немаат функционална поделба на власта, се порта за влијанието на Русија во регионот, бидејќи и самите често се меѓународно изолирани и оттаму – добредојдени партнери.

Самит Русија – Африка / Фото EPA-EFE/SERGEI BOBYLEV / TASS

„Уште пред војната во Украина видовме како Русија агресивно се обидува да придобие поддржувачи за својата политика, често токму кога таа застануваше контра европската, северноамериканската или политиката на НАТО”, посочува Џастин Аренстајн, шеф на „Код за Африка”, најголема цивилна мрежа на континентот за технологија и новинарство базирано на податоци.

На Русија освен тоа ѝ требаат алтернативни пазари за северноевропските и американските пазари од кои сега е исклучена, вели Аренстајн.

За многу африкански земји Русија е од корист како постојана членка на Советот за безбедност на ОН. Така, во октомври 2019 година, Русија го блокираше барањето на ОН да се осуди симнувањето од власт на Омар ал-Башир, поранешниот претседател на Судан.

„Местото на Русија во Советот за безбедност на ОН е проблем за демократијата во Африка”, вели Џозеф Сигл, истражувач во „Африканскиот центар за стратешки студии“ во разговор за ДВ.

Вагнер, оружјето и безбедносната политика

Голема улога игра и воениот ангажман на Русија во африканските земји. Приватната платеничка група Вагнер е активна во земји како Мали, Либија и Централноафриканската Република, забележуваат германските медиуми.

Како противуслуга за своите услуги, таа добива пристап до суровини како злато. Вагнер игра улога и во зголемувањето на политичкото влијание на Кремљ. Во Мали, на пример, поранешната колонијална сила Франција, по десет години поддршка во борбата против исламистичките борци, ги повлекува своите сили поради тоа што не е постигнат посакуваниот успех. Мали побара од ОН повлекување и на мировната мисија МИНУСМА, која постои од 2013 година. Земјата јасно се дистанцира од западните земји и наместо тоа потесно соработува со Русија.

Русија ги врзува африканските држави и преку испорака на оружје. Според институтот СИПРИ, 44проценти од оружјето купено помеѓу 2017 и 2021 година од африкански земји било од руско потекло.
Пропагандната машинерија во полн ек

Русија користи социјални медиуми за да шири голем дел од својата пропаганда и дезинформации. Според германските медиуми, стратегијата е посебно успешна онаму каде што нема традиција на независни и слободни медиуми.

Па така, групата Вагнер е главна тема на повеќе пропагандни анимирани филмови, во кои, на пример, се гледа како руски војници во Мали се борат против акрепи кои ги претставуваат француските војници и кои велат дека се демони на претседателот на Франција, Макрон и дека Мали е „наша земја“. Карикатурата на Макрон во видеото вели дека „Франција повторно ќе ја пороби Африка”. Русија често користи ваков наратив на „неоколонијалистички” Запад.

Таквиот вид пропаганда е директно поврзана со Русија, посочува Димитри Зуфереј од НВО „Сите погледи вперени во Вагнер”.Според него, видеата со вакви содржини се произведени во Буркина Фасо од лица кои работат за Русија, а Дурксен посочува дека руски пари добиваат и инфлуенсери за да шират пропаганда.

На пример, Кеми Себа, француско-бенински инфлуенсер со повеќе од милион следбеници на Фејсбук, често објавува антизападни и проруски содржини. Веднаш откако Русија ја нападна Украина, тој тврдеше дека Москва се обидува да ја „врати руската земја“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот