Зоолошката во Вашингтон се збогува со омилените џиновски панди кои ќе се вратат во Кина

Џиновска панда во Зоолошката во Вашингтон / Фото EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Националната зоолошка градина во Вашингтон се збогуваше од своето омилено трио од џиновски панди, откако беше договорено трите животни да заминат од главниот град на САД и да се вратат назад во Кина, план кој беше објавен на почетокот на оваа година, пренесува Ројтерс.

Пандите – Меи Сијанг, Тиан Тиан и нивното младенче Сијао Чи Џи – биле сместени во кафези направени од челик и плексиглас кои биле подигнати во камион и потоа натоварени во товарен авион Боинг 777Ф наречен „ФедЕкс Панда Експрес“. Тие заминале во раните попладневни часови од меѓународниот аеродром Далс со големи количини бамбус, јаболки и круши кои ќе им се најдат за време на летот кој трае 19 часа.

Пандите, придружувани од тројца чувари на зоолошката градина, ќе отпатуваат во резерват во кинеската планинска провинција Сечуан, каде што се проценува дека сè уште се наоѓаат околу 1.800 панди во дивината, според Националната зоолошка градина.

Директорката на зоолошката градина Бренди Смит ги задуши солзите на кратката церемонија која заврши повеќе од половина век во кој пандите биле жители.

„Беше напорна недела, но на крајот нашиот фокус денес е на безбеден транспорт на овие животни во Кина. Тоа е момент на радост бидејќи ова е уште еден чекор во 50 години успешна програма за зачувување на џиновските панди и се надеваме дека е почеток на уште 50 години успешно зачувување на џиновските панди“, рече таа.

Меи Сијанг (25) и Тиан Тиан (26) пристигнале во Националната зоолошка градина во 2000 година. Нивните први три младенчиња, родени помеѓу 2005 и 2015 година, веќе биле испратени претходно во Кина. Сијао Чи Џи – „Малото чудо“ на англиски – се родило пред три години, со што неговата мајка станала најстарата џиновска панда што некогаш се породила во САД.

Пандите живеат околу 30 години под човечка грижа, но околу 15 до 20 години во дивината, објави зоолошката градина на својата веб-страница.

Во 1972 година, владата на Кина им подарила две џиновски панди на САД по историската посета на претседателот Ричард Никсон по Студената војна на комунистичката земја. Освен првичните подароци, џиновските панди се изнајмени во зоолошките градини во САД според договори со Кинеската организација за заштита на дивиот свет. Во последните години вакви договори не се продолжуваат.

Заминувањето на трите панди од Вашингтон следи по враќањето на пандите од зоолошките градини Мемфис и Сан Диего, оставајќи само четири џиновски панди во САД. Тие животни, жители на зоолошката градина Атланта во Џорџија, треба да се вратат во 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот