
ЗНМ се противи на цензорското соопштение од Министерството за здравство, во кое им се командува на новинарите како да известуваат за повредените во „Пулс“
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
Препорачано
Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување. Потсетуваме дека член 16 од Уставот на Република Северна Македонија гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми. Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес. ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стоиме во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество, велат од ЗНМ во своето соопштение.
Како што претходно објави „Слободен печат“, со крајно контроверзно соопштение, повикувајќи се на „приватноста на пациентите“ повредени во најголемата трагедија во поновата македонска историја, пожарот во дискотеката „Пулс“ – Министерството за здравство попладнево им забрани на новинарските екипи пристап во болницата во Кочани каде се одвива рехабилитацијата на повредените од пожарот.
Во соопштение на Фејсбук страницата на Министерството за здравство се наведува дека на ваков начин ќе се заштити приватноста на пациентите, меѓутоа редакцијата на „Слободен печат“ добива сигнали од свои колеги кои што имале поинакво искуство – пациентите кои се на рехабилитација прифаќале да бидат снимени и интервјуирани, а управата на болницата и медицинскиот персонал биле тие што го оневозможувале новинарското информирање во државна болница која што е финансирана од даноците на сите граѓани.
Министерството за здравство во попладневното соопштение сосема ненајавено и неочекувано, реши да ги обесхрабри новинарските екипи да известуваат од болницата во Кочани, па дури и се дрзна да им сугерира да не земаат изјави од повредените во пожарот „во пишан, видео или аудио формат“ за време на нивниот процес на рехабилитација“ во болницата во Кочани како и во Пониква.
Со цел да се овозможат оптимални услови за овој процес на рехабилитација, Министерството за здравство апелира до средствата за јавно информирање, согласно специфичниот контекст, да продолжат да ја следат ситуацијата со особена внимателност, професионална етика и човечка солидарност во известувањето за лицата кои се повредени во трагичниот настан во Кочани. Според проценките на здравствените работници, секое нарушување на нивната приватност или инвазивен медиумски пристап може да предизвика дополнителни трауми и да го отежни процесот на нивното рехабилитирање. Во тој контекст, Министерството за здравство повикува на следното: Како основно човеково право да се почитува правото на приватност на повредените лица и нивните семејства. Да не се нарушуваат процесите на рехабилитација кои се спроведуваат од страна на стручни медицински тимови во Пониква и Општата болница во Кочани. Да не се снимаат или фотографираат лица кои ги посетуваат или се дел од рехабилитациските сесии во периодот додека се во одморалиштето на Пониква или во Општата болница во Кочани со цел да се зачува достоинството и мирот на оваа заедница. Воедно, да не се бараат и земаат изјави во пишан, видео или аудио формат од истите лица за време на нивниот процес на рехабилитација во претходно-наведените објекти, напишаа од Министерството за здравство на Фејсбук.
Уредничката на „Истражувачка репортерска лабораторија“ Сашка Цветковска, за „Слободен печат“ вели дека екипата на ИРЛ била спречена да ги погледне и сними условите во кои се рехабилитираат повредените во пожарот со образложение дека пациентите се побуниле иако ИРЛ имале контакти со дел од нив и поплаките за условите за лекување дошле од нив.
Ние не би ги снимале пациентите доколку тие не го сакаат тоа, но имаме право да ги разгледаме просториите за лекување во секоја јавна болничка установа, се разбира, на начин кој нема да го загрози здравјето, мирот и достоинството на лекуваните. Дури и овластеното лице од болницата даваше изјава за ИРЛ на далечина од објектот што е чудно. Слушаме дека и на други колеги им се забранува пристапот во објектот што отвора прашања за нетранспарентноста, но и искреноста на надлежните околу „фантастичните“ услови за третман на повредените од „Пулс“, изјави за „Слободен печат“ Цветковска.
Министерството за здравство во своето соопштение со кое воведе ограничување на новинарското известување сепак потсети дека „медиумите имаат суштинска улога во информирањето на јавноста, како и во градењето на емпатија и општествена одговорност“.