
Животната приказна на Џорџо Армани: Човекот кој едноставноста ја претвори во елеганција
Светот на модата го изгуби еден од своите најголеми титани. Денеска во Милано згасна животот на Џорџо Армани, човекот кој ја претвори едноставноста во симбол на луксуз, а минимализмот во синоним за вечна елеганција. Армани не создаваше само облека – тој создаваше култура, естетика и начин на живот што ја надмина модната писта.
Препорачано
Детството и првите чекори
Џорџо Армани е роден на 11 јули 1934 година во Пјаченца, северна Италија, во семејство со скромни примања. Татко му Уго бил сметководител во транспортна компанија, а мајка му Марија домаќинка. Детството му беше обележано со сиромаштијата на Втората светска војна, а како дете претрпе и тешки изгореници од експлозија на граната. Иако првично сонуваше за медицинска кариера и студираше на Универзитетот во Милано, по три години ја напушти медицината и се приклучи на војската. Работејќи во воената болница во Верона, Армани сфати дека неговата животна патека ќе биде поинаква.
По завршувањето на воената служба, во 1957 година се вработи во универзалната продавница „Ла Ринашенте“ во Милано како продавач и декоратер на излози. Таму за првпат се сретна со светот на модата и стекна драгоцено искуство во пласманот на облека. Подоцна премина во компанијата на Нино Черути, каде што дизајнираше машка облека и почна да го усовршува својот препознатлив стил.

Врвот на светската мода
Во доцните шеесетти години Армани го запозна архитектот Сержо Галеоти, кој му стана и животен и деловен партнер. Токму тој го охрабри во 1975 година да го основа својот бренд. Првата машка колекција ја претстави во Милано, а истата година ја лансираше и женската линија. Неговите дизајни (меки, безструктурни костуми и минималистичка елеганција( целосно ја револуционизираа модната сцена на седумдесеттите.
Армани брзо стана миленик на Холивуд. Со филмот „Американски жиголо“ (American Gigolo) од 1980 година и костумите за Ричард Гир, неговото име доби глобална препознатливост. Подоцна дизајнираше за повеќе од сто филмови, меѓу кои и „Недопирливи“ (The Untouchables). Неговиот бренд прерасна во империја со линии за парфеми, аксесоари, спортска облека, па дури и луксузни хотели.
Пионер во модата за црвен тепих, Армани облекуваше бројни ѕвезди и инсистираше на нови стандарди во индустријата. Тој беше и првиот дизајнер што забрани модели со екстремно низок индекс на телесна маса, испраќајќи силна порака за здравјето.
Во својата кариера долгa повеќе од пет децении, Армани создаде мрежа од стотици продавници ширум светот, а неговото богатство се проценуваше на милијарди долари. Иако стекна светска слава, остана познат како тивок и повлечен човек кој го ценеше квалитетот и едноставноста.
