Градежници работници / илустрација / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Жители на центарот на Скопје се во голема нужда од решение – градежник им ја затнал фекалната канализација

На улицата „Мирче Оровчанец“ во центарот на Скопје, во близина на Универзална сала, градежна фирма која гради зграда ја забетонирала цевката за фекалната канализација, пишува „СДК.мк“.

Додека ја правеле јамата и копале за поставување на армирано бетонски колови, т.н. „шипови“, работниците ја пресекле цевката за канализација. Потоа, додека полнеле со бетон, ја забетонирале и цевката за одвод. Во околните згради и куќи сега фекалиите се закануваат да се вратат во домовите на луѓето преку клозетските шолји.

Екипи од ЈП „Водовод и канализација“ денеска се обидувале да најдат решение за големата нужда во која се најдоа жителите на улицата. Тие, според „СДК“, велат дека сега цевката мора да се сече, да се извади и да се постави нова. Дополнителен проблем им претставува тоа што над цевката за фекалии е поставена цевка за парно, иако тоа не смее да се случува, односно таа треба да е паралелна со канализациската.

Од Општина Центар велат дека се запознаени со случајот, кој жителите на улицата веќе го пријавиле. Додека се реши проблемот, поставени се пумпи кои спречуваат фекалиите да течат низ домовите на луѓето.

„Ние во овој случај немаме надлежност туку ЈП ‘Водовод и канализација‘ ќе интервенира, односно работи на решавање на проблемот. Штетата, односно интервенцијата на‚‘Водовод‘ треба да ја плати инвеститорот, а јавното претпријатие може да поднесе тужба бидејќи оштетена е нивната мрежа“, велат од Инспекторатот на Општина Центар.

Од Инспекторатот имале средба и со жителите на улицата и им било сугерирано да поднесат тужба до инвеститорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот