
Зградата на „Еуростандард“ понудена на аукција за 8,4 милиони евра
Здружението на оштетни штедачи oчекува дека со продажбата на зградата ќе се подмират дел од нивните побарувања
Деловната зграда на Еуростандард банка, со површина од околу 4.000 квадратни метри е понудени на аукција, а нејзината проценета вредност е околу 8,4 милиони евра.
Здружението на оштетни штедачи на Еуростандард банка реагира дека обвинителството молчи, а имотот се продава.
Препорачано
„И додека обвинителството упорно молчи за организираниот криминал во Еуростандард банка, за продажба стигна и главната зграда на банката во строгиот центар на град Скопје. Понудена е за продажба на сите заинтересирани субјекти на објавениот објавениот оглас. Таа е една од малкуте останати вредни имоти кои не се украдени поради фактот што не можела и физички да биде украдена додека била и останала во сопственост на самата банка. Но, нејзината вредност останува да биде како утеха за оштетените депоненти, граѓани и фирми, дека сепак има останато нешто вредно од банката и дека не е се украдено“, велат од Здружението.
Оттаму обвинуваат за „можното соучество на некои високо позиционирани политичари, банкари и сопственици на фирми во грабежот на Еуростандард банка“ и велат дека „можно е одлуката од обвинителството да почека подобри времиња кога навистина ќе сакаат да застанат на страна на граѓаните, а против криминалот“.
„Лоцирана во строгото централно подрачје на град Скопје, со својата грандиозност и привлечност, главната зграда на Еуростандард банка беше симбол за стабилност и сигурност, верба во банкарска институција со која може да се соработува. И покрај фактот што во банката се случувал долгогодишен масовен грабеж на депозити без истиот да биде навремено спречен и санкциониран од Народната банка и останатите надлежни институции на прогонот, централната главна зграда на Еуростандард банка како градба останува да зрачи со својата атрактивност и привлечност. Најновата официјална проценка за вредноста на зградата вели дека нејзината сегашна пазарна вредност е во висина од околу 520 милиони денари или околу 8,4 милиони евра“, пишува во соопштението.
Здружението забележува дека таа е една од малкуте вредни имоти кои останаа во рамките на стечајната маса и која сега се нуди за продажба.
„Тоа е можност за сите заинтересирани домашни и странски субјекти да навремено достават банкарска гаранција или да извршат уплата на депозит за учество на јавната електронска продажба на зградата согласно условите наведени во огласот. А огласот кажува дека електронското надавање за главната зграда на банката е закажано и ќе се случи на 15 март оваа година. Сите оштетени депоненти од Еуростандард банка посакуваат успешно идно користење и берикет на најдобриот понудувач и купувач на зградата“, велат од Здружението на оштетни штедачи на Еуростандард банка.