
Здружението на инженери поднесе претставка до РКЕ поради високите сметки за струја
Здружението на инженери на Република Македонија поднесе претставка до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со барање за измени во Правилата за снабдување со електрична енергија. Целта на оваа иницијатива, како што велат од Здружението, е да се спречат неправедните наплати во фактурите за електрична енергија кај домаќинствата и да се елиминира дополнителната неоправдана заработувачка на ЕВН.
Препорачано
Како што објаснува Здружението, со воведувањето на блок-тарифите во јули 2022 година, Регулаторната комисија направи измена на Правилата, предвидувајќи квартално, наместо годишно отчитување на броилата. Оваа промена довела до неправедно пресметување на сметките, бидејќи паушалното одредување на потрошувачката може да ги внесе корисниците во повисоки ценовни блокови, што ги зголемува сметките без оправдување. Според проценките, ова може да доведе до значителни разлики во наплатата, со додатни трошоци за потрошувачите.
Здружението на инженери бара измена на правилата, така што да се воведе месечно отчитување на броилата, како што е веќе предвидено за другите категории на приклучоци. Ако броилото не е отчитано, тие предлагаат да се издава фактура со прикажување на 0 киловати на час потрошена енергија, а кога ќе се изврши реално отчитување, потрошувачот да добие коригирана фактура базирана на вистинската потрошувачка.
Поради високото ниво на паушални пресметки и дополнителната заработувачка на ЕВН која би можела да достигне дури 2.000.000 евра на годишно ниво, Здружението на инженери ги повикува надлежните институции да се осигураат дека правото на потрошувачите на фер наплата ќе биде заштитено.
Ваквата иницијатива, велат дека има за цел да го заштити интересот на домаќинствата и да се елиминираат можностите за неправедна наплата и зголемување на сметките на потрошувачите.