Здрав рецепт на Стефанија Несторовска: Протеинско смути од ананас

Фото: Приватна архива

Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, е поборник на здрава исхрана, односно намирници што го снабдуваат организмот со хранливи материи.

Стефанија денеска ни претставува еден здрав рецепт – протеинско смути од ананас.

– Ова смути од ананас е вистинско тропско, летно уживање. Многу е освежително особено во летен период, а сепак балансирано со сите нутритивни вредности што ќе ве држи сити и најадени долго време – вели Стефанија.

Дали сте знаеле дека ананасот содржи ензими што му потпомагаат на дигестивниот систем полесно да ја врши работата. Ако имате дигестивни проблеми или, пак, чувство на подуеност во текот на денот – ананасот навистина може да помогне со тоа.

– Еден трик што јас го практикувам е кога купувам ананас, го сечам на помали коцки и го замрзнувам во ќесички за замрзнување. На овој начин нема да ми скапе, а бонус плус е тоа што ги прави смутињата погусти и поволуменозни – додава Стефанија.

Фото: Приватна архива

Стефанија во ова смути исто така додава и сварен, па замрзнат карфиол.

– Во овој случај користам карфиол затоа што додава волумен без да додаваме дополнителни шеќери, а нема никаков вкус и мирис, па нема ниту да го почувствувате во пијалакот – објаснува Стефанија.

Инаку протеинот што го користи тука, а и секогаш, е вегански протеин.

Ако имате некој ваш омилен протеин што го користите, слободно искористете го во овој рецепт.

Фото: Приватна архива

Протеинско смути од ананас

Состојки:

– 1 шолја сварен, па замрзнат карфиол
– 1/2 шолја ананас (замрзнат)
– 1/4 од средна банана
– 1 дозерка протеин од ванила
– 1+1/2 шолја млеко од овес (или млеко по желба)

Начин на подготовка:

Во блендер се додаваат сите состојки и се блендира додека смесата не се соедини и не се добие кремаста текстура.

Се додава повеќе млеко или вода по желба.

Се додава во голема чаша и веднаш се сервира веднаш.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот