Сет на снимањето на филмот „Време на заедништво“ / Фотографија: Наташа Величковска

Заврши снимањето на краткиот филм „Време на заедништво“ на режисерот Радован Петровиќ

Краткометражниот филм „Време на заедништво“ во режија на Радован Петровиќ се снимаше по сценарио на српската актерка и сценаристка Сунчица Милановиќ, додека продуценти на филмот се Тамара Ристоска и Петар Антевски.

Снимен во април 2025 во Скопје, овој независен филмски проект претставува креативна соработка меѓу млади филмски професионалци од Македонија и Србија, а неговата реализација беше поддржана од Факултетот за драмски уметности и локалната бизнис заедница од Скопје.

Во сржта на филмската приказна е едно семејство кое, на денот на погребот на својот најсакан член, се труди да ѝ го разубави денот на мајката што се соочува со Алцхајмерова болест. Двајцата браќа и сестрата организираат посебна церемонија како обид да воспостават близина и заедништво во мигови на длабока тага.

Главните улоги во филмот ги толкуваат младите актери од регионот: Тамара Ристоска, Милена Божиќ, Ѓорѓе Живадиновиќ-Гргур и Александар Стоименовски. Талентираната актерска екипа ја надополнува и учеството на Јасна Ѓуричиќ – реномираната српска актерка и добитничка на наградата за најдобра европска актерка во 2021 година.

Особено внимание заслужува фактот што зад камерата стои млада и амбициозна македонска филмска екипа, предводена од директорот на фотографија Стефан Ѓоргиевски и креативниот тим што го сочинуваат Александра Петкова (сценографија), Миа Ѓуровиќ (костимографија) и Снежана Ангеловска Живковска (шминка). Фотографиите се на Наташа Величковска и Милан Тодоровиќ. Дел од овој филм е и српската продуцентска куќа „Вич Крафт“.

По финализирањето на постпродукцијата, филмот ќе започне фестивалска дистрибуција во земјата и надвор од неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот