Заврши истрагата за трагедијата на автопатот „Струма“: Семејствата на загинатите не ѝ веруваат на бугарската истрага

автобуска несреќа бугарија
Автобуска несреќа во Бугарија, загинаа 46 патници од Македонија/Фото: Nikolay DOYCHINOV / AFP / Profimedia

Некој нека каже што имало во автобусот, а не дека возачот ја надминал брзината! Не може автобусот тукутака да изгори целосно за 30 минути! Одново ќе има вештачење. Ќе одиме во Стразбур! Немам доверба ни во нашата ни во бугарската држава веќе – вели Ќамуран Пајазити, чиј син загина во несреќата.

Причината за автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, во која загинаа 45 македонски државјани, е тоа што возачот изгубил контрола врз автобусот, како и големата брзина на возење, несоодветна за условите на патот – изјави заменик-главниот обвинител Борислав Сарафов, претставувајќи го финалниот извештај на бугарското јавно обвинителство за несреќата на автобусот на македонската агенција „Беса турс“.

– Тоа е една човечка трагедија без преседан по бројот на жртви, но и без преседан како интензитет на работа што ја завршивме. Истрагата е завршена и останува само по судски пат да бидат известени властите во Македонија, со оглед на тоа што и семејствата на настраданите имаат право да се запознаат со материјалите од истрагата – изјави Сарафов.

Тој прецизираше дека станува збор за неприлагодена, но не и недозволена брзина. Обвинителот не спомна ништо за условите и сигнализацијата на патот, кои претходно беа спомнувани како можни фактори што придонеле за несреќата.

Членовите на семејствата и на преживеаните во трагичната несреќа не веруваат на извештајот и велат дека ќе бараат дополнителна истрага.

– Ќе бараме вистинска истрага. Ова ќе оди до Стразбур! Нека се истакне вистината, некој нека ја преземе одговорноста. Како може шоферот да ја надминал дозволената брзина? Кој автобус оди 120 на час? Јас цел живот сум шофер и тој пат сум го возел неколкупати. Вистината ќе излезе на виделина. Некој нека каже што имало во автобусот, а не дека возачот ја надминал брзината. Не може автобусот тукутака да изгори целосно за 30 минути! Одново ќе има вештачење. Ќе се оди во Стразбур. Немам доверба ни во нашата ни во бугарската држава веќе. Имаме живи луѓе што ја виделе вистината, не им веруваме, а веруваме дека е виновен шоферот, кој е мртов – изјави Ќамуран Пајазитовски, роднина на патник во автобусот на „Беса транс“ за „Слободен печат“.

Орхан Алити, еден од седумтемина преживеани во несреќата, кој, за жал, не успеал да го спаси и својот 23-годишен син Висар, во изјава за „Слободен печат“ вели дека чека институциите да ја завршат истрагата.

– Очекуваме институциите да го истражат случајот. Досега никој не ме контактирал освен Црвениот крст на Македонија – изјави Алити.

Засега нема ниту информации за тоа каде е сопственикот на „Беса транс“ Беким Хаџиу, кој бил во еден од автобусите во конвојот од Истанбул кога се случи несреќата. По трагедијата тој не се врати во Македонија каде што е отворена постапка за прописите кои фирмата и тој како сопственик, ги прекршувале со години.

 

Видео на денот