Затворени патиштата за мирно чествување на Гоце

Полиција пред црквата Св.Спас / Фото Слободен печат / Драган Митрески

В сабота целосно ќе бидат затворени улиците „Самоилова“ и „Лазар Личеноски“, кои го опкружуваат скопското Кале. Целта е, како што и вчера повтори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, да се обезбеди мирно и достоинствено одбележување.

Затворање на улиците во близина на црквата и засилено полициско присуство, најави дека ќе дојдат околу 150 лица од Бугарија, но и истакнување транспарент „Стани Македонче, потребна е акција, за даскалот кој ја обедини целата нација“ од страна на навивачката група „Комити“ е најновиот развој на настаните во врска со чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, утре, на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Полицијата строго го контролира просторот околу „Свети Спас“ и од вчера попладне ги затвори блиските улици за сообраќај. В сабота целосно ќе бидат затворени улиците „Самоилова“ и „Лазар Личеноски“, кои го опкружуваат скопското Кале. Целта е, како што и вчера повтори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, да се обезбеди мирно и достоинствено одбележување. Тој е категоричен дека нема да се дозволи кој било да ја навредува Македонија и македонскиот народ.

Владата организира државен свечен настан на кој ќе присуствува целиот државен врв, на чело со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. Спасовски е категоричен дека нема да се дозволат ноќни стражи на граѓаните, а партиите од опозицијата известуваат дека нивни членови и активисти деновиве се повикувани во полициските станици на информативни разговори.

Спасовски: Нема потреба од бугарски полицајци

Тензиите за овој настан, кој Советот за безбедност го прогласи за случување од висок ризик, ги предизвикаа група Бугари, кои најавија дека организирано ќе дојдат да му одадат чест на „бугарскиот револуционер Делчев“. За да спречи провокации или инциденти, се очекува полицијата утре да ги пречека на македонско-бугарската граница и конвојот со автомобили, како што најавија дека ќе пристигнат, да го обезбедуваат по патот, но и самите гости од Бугарија за време на нивниот краток престој во Македонија.

Министерот Спасовски вчера повтори дека дента, на самата граница, ќе одлучат дали некому ќе му забранат влез во Македонија. За најавите дека ќе дојдат околу 150 лица од Бугарија рече дека разменуваат податоци со колегите од Софија.

– Клучно за нас ќе биде дали имаат намера какви било структури што сакаат да се организираат да предизвикуваат проблеми, да изразуваат непочит кон граѓаните, кон државата и врз основа на тоа ќе се носат одлуките. Сите опции се отворени. Впрочем, постојат и законски основи за тоа. Опциите ќе зависат од анализите што ги правиме сите ние во штабот и, на крајот, одлуката треба да биде во функција на мирно и достоинствено чествување со кое ќе покажеме пред светот дека знаеме да ја сочуваме стабилноста и дека знаеме со посебна почит да празнуваме денови што се важни за нашата историја – рече вчера Спасовски во гостување на МТВ.

Тој додаде дека бугарски полицајци нема потреба да дојдат напомош, како што вчера понуди бугарското министерство за внатрешни работи, затоа што „нашето МВР има доволно капацитети што гарантираат стабилност и безбедност“.

– Полицијата е подготвена во целост, не само за овој туку и за кој било настан и пригода, да го сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните. Тоа е врвен приоритет. Нема поединец, група или партија која може да биде посилна од државата и тоа треба да ни биде јасно на сите. Второ, има одбор кој се грижи за организацијата. Сите делегации што сакаат да положат цвеќе се најавуваат, редот ќе се воведува врз основа на план од македонската полиција и нема да имаме никаков проблем – рече Спасовски.

Пандов: Да не се повтори чествувањето на Мара Бунева

 

Александар Пандов од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, кој најави херојска стража на гробот на Делчев на 4 февруари, во последната изјава за медиумите вели дека партијата ќе направи сѐ за чесно и достоинствено да се прослави роденденот. Според него, секој што гледа со пиетет на Делчев може да дојде на гробот, но не е дозволиво да има навреди како што беше на 13 јануари на чествувањето на Мара Бунева, кога имаше низа несоодветни квалификации за Македонија и Македонците.

– Не смееме да дозволиме никој да ги оцрнува револуционерите. Гробот на Делчев е свето место. Убеден сум дека многумина ќе дојдат в сабота, никој веќе не му се плаши на Оливер Спасовски. Ние одиме таму да го чествуваме денот, а не да правиме какви било проблеми – рече Пандов, укажувајќи дека очекува МВР да ја заврши работата како што треба.

Навивачката група „Комити“ со транспарент најави дека ќе присуствува на одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев и ги повика граѓаните „на акција“. За време на ракометниот натпревар Вардар – Партизан тие извадија голем транспарент со текст „Стани Македонче, потребна е акција, за даскалот кој ја обедини целата нација“.

Декларација на бугарското Собрание за осуда на „насилството против македонските Бугари“

Со 184 гласа „за“ и еден воздржан, бугарското Народно собрание вчера донесе декларација со која се осудува „насилството против македонските Бугари во РСМ, како и омаловажувањето на проблемот со правата и безбедноста на сонародниците во РСМ“. Софија, исто така, го осудува „говорот на омраза и бара исполнување на Договорот за пријателство што властите во Скопје не го почитуваат“, објавија бугарските медиуми.

Декларацијата што ја донесе бугарското Собрание има девет точки, со кои категорично се осудуваат појавите и повиците за насилство „против Бугарите, нивните организации и клубови и особено нападот врз Бугаринот Христијан Пендиков“. Се осудува и „говорот на омраза против локалните Бугари и Бугарија“, како и неговата појава во политичката, општествената и медиумската сфера. Со декларацијата се изразува загриженост дека ескалацијата на антибугарската кампања во Македонија може негативно да влијае врз процесот на внесување на Бугарите во Уставот, како и противење на промените во Законот за здруженија и фондации.

Со декларацијата пратениците ги отфрлија „лажните и манипулативни тврдења за бугарското минато во општественото и политичкото опкружување на РСМ“ и наведоа дека ги сметаат таквите тврдења за поттикнување омраза кон Бугарија и Бугарите.

Вчера беше последниот работен ден на бугарскиот парламент, кој се распушта зашто Бугарија повторно оди на предвремени парламентарни избори.

МНР реагира: Декларацијата на бугарското Собрание оди во прилог на провокаторите и ескалација на состојбите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот