Фото: Cristina Bolognini/Visit Ikaria/ Flickr

Запознајте го грчкиот „остров на долговечноста“, место со најмногу 100-годишни луѓе

Островот Икарија е грчки остров кој се наоѓа во Егејското море, сместен во близина на брегот на Турција.

Икарија е познат по својата убавина, недопрената природа, прекрасните плажи и традиционалниот начин на живот. Островот го добил името по Икар, синот на Дедал кој, според грчката митологија, настрадал бидејќи летал премногу блиску до сонцето.

Икарија го нарекуваат „остров на долговечноста“ бидејќи има исклучително висок процент на 100-годишници помеѓу своето население. Тоа се припишува не само на генетските фактори туку и на начинот на живот на островот. Традиционалниот медитерански начин на исхрана, физичката активност, отсуството на стрес и дружењето со семејството и пријателите се сметаат за клучни фактори за долговечноста на Икарија. Луѓето на овој остров се исклучително среќни и задоволни.

Еден вид локална легенда веќе стана приказна за Стаматис Моратис (96), емигрант од овој остров во САД, кому американските лекари на 60-годишна возраст му дијагностицирале рак на белите дробови. Наместо да се лекува, тој решил да се врати на родниот остров и да умре мирно на земјата на своите предци. Лекарите му дале шест месеци живот, но со домашна храна, црвено вино, друштво на роднини и пријатели од детството, се опоравил и излекувал, а со текот на времето станал еден од најдобрите производители на вино на Икарија.

Кога отишол да ги посети своите возрасни деца во САД, решил да ги посети и своите поранешни лекари и да побара од нив да му објаснат за неговото исцелување, сфатил дека никој од нив повеќе не е жив.

Оваа симпатична приказна, која ја објави и „Њујорк тајмс“, му е позната на целиот остров, а многу стари луѓе од Икарија со задоволство ќе ја раскажат како своја.

Има повеќе причини за чудесното закрепнување на Моратис и за големиот број 90-годишници и стогодишници на Икарија.

Има чист морски воздух, медитеранска исхрана, домашно вино и незагадена храна, мед и лековити билки, умерена физичка работа во градината и лозјето, бавно темпо на живот, отсуство на стрес, многу здрав сон, здрава социјална клима и редовно дружење со пријателите и роднините. Ништо од тоа, меѓутоа, веројатно не би било доволно само по себе.

На островот може да се ужива во прекрасните песочни плажи, тиркизното море, шареноликите села и пејзажите. Исто така, посетителите можат да ги истражат традиционалните грчки куќи, да уживаат во локалната кујна која е базирана на свежи состојки – главно риба, маслиново масло, овошје и зеленчук, како и да планинарат и да шетаат низ природата.

Икарија е популарна дестинација за посетителите кои сакаат да се опуштат, да побегнат од метежот и стресот и да доживеат автентично грчко искуство. Островот е прилично „недопрен“ од масовниот туризам, па посетителите можат да ја доживеат вистински традиционалната грчка култура и гостопримство.

Островот нема природно пристаниште, што го прави изолиран од остатокот на Грција. Се вели дека неговиот јазик е сроден со класичниот грчки во однос на ритамот и изговорот. Музиколозите велат дека неговата народна музика е најблиска до грчката класична музика. Селата се „раштркани“, патиштата дотраени, јавен превоз речиси и да не постои, па затоа ќе ви бидат потребни добар автомобил или удобни чевли.

Престојот на брегот, кој има хотели, вили и пристанишни таверни, и мала прекрасна плажа во близина, треба да се искомбинира со патување во внатрешноста на ридовите до Христос Рачес. Околу 1.000 луѓе (осмина од населението на Икарија) живеат во или околу таа област, а во петок и сабота и за време на панегирија (фестивали) е центар на заедницата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот