Заладени односи: Косовско МНР не му дозволува на Вучиќ да го посети Косово

EPA-EFE/KOCA SULEJMANOVIC

Претседателот на Србија Александар Вучиќ побарал од косовските институции дозвола, заедно со негови блиски соработници, викендов да ги посети областите во северно Косово, населени со мнозинско српско население, јавија денеска медумите во Приштина.

Повикувајќи се на извори од косовскот Министерство за надворешни работи (МНР), порталот „Газета експрес” објави дека од канцеларијата на Вучиќ е побарано за време на посетата него да го придружуваат и министерот за внатрешни работи на Србија Александар Вулин, како и новиот директор на „Канцеларијата за Косово и Метохија” при Владата во Белград, Петар Петковиќ и неговиот претходник на таа функција Марко Ѓуриќ.

Косовската јавна радио телевизија РТК објави дека српската страна, преку Канцеларијата за врски на Србија во Косово, согласно договорот од Брисел, побарала на делегацијата да ѝ се обезбеди придружба, како и да им се дозволи носење оружје.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, изворите на двата медиуми тврдат дека барањето на Вучиќ ќе биде одбиено, а во неофицијалното образложение се наведува дека причина за тоа се напнатите односи поради откривањето на масовната гробница во Србија со посмртни останки на Албанци убиени во војната во 1998-99 година.

Порталот „Коха.нет” објави дека се очекува барањето да биде одбиено „поради заканувачките изјави на Вучиќ кон Косово дадени деновиве”.

Од кабинетот на српскиот претседател за косовскиот портал на српски јазик „Коссев” изјавија дека „не можат да ги потврдат наводите на приштинските медиуми”.

„Коссев” потсетува дека идната недела, на 29 ноември, во Северна Митровица ќе се одржат градоначалнички избори, а дека косовските институции и во октомври минатата година, за парламентарните избори во земјата, најавија дека нема да дозволат официјални лица од Белград да ја посетат земјата и да му наштетат на изборниот процес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот