Заев на средба со Сасоли: Секоја друга одлука освен преговори за Македонија ќе биде поттик за регресивни процеси

Премиерот Зоран Заев вечерва се сретна со претседателот на Европскиот Парламент Давид Мариа Сасоли.

На средбата, на која присуствуваа и заменик на претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, премиерот Заев на претседателот на ЕП Сасоли му изрази благодарност за значајната поддршка на парламентот и на европратениците кои во огромно мнозинство ја прифатија препораката на Европската Комисија, Македонија безусловно да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

Премиерот Заев нагласил дека сѐ уште е оптимист дека одлуката за старт на преговорите сепак ќе биде донесена на самитот на претседатели и шефови на влади на земјите членки на ЕУ во текот на утрешниот ден.

– Поинаков исход освен старт на преговори за Северна Македонија, како признание за остварените реформи и за сериозните политички одлуки на земјата како исполнување на препораките на ЕУ, ќе биде поттик за регресивните сили во земјата и обесхрабрувачки сигнал за другите земји во регионот во однос на нивните евроинтеграциски процеси – рече меѓу другото премиерот Заев на средбата со претседателот на Европскиот Парламент, Сасоли.

На оваа средба, претседателот на Европскиот Парламент, Сасоли го потврди речиси консензуалното одобрување на европратениците за преговори со Северна Македонија и потврди дека земјата е успешна приказна за Европската Унија, особено заради начинот на кој се решени прашањата со Грција и Бугарија.

Претседателот на Европскиот Парламент, Сасоли рече дека со овие пораки тој утре ќе се обрати и во Европскиот Совет и ќе побара да биде исполнето ветувањето за позитивна одлука за старт за преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот