За девет месеци Град Скопје реализирал само половина од предвидениот Буџет за 2023

Од јануари до септември годинава Град Скопје реализирал нешто повеќе од 50 отсто од предвидените средства во Буџетот за 2023 година. Во Извештај за извршување на Буџетот на Град Скопје заклучно со 30 септември, кој на денешната седница не доби поддршка од советниците во Советот на Град Скопје, е наведено дека вкупните приходи и приливи се остварени во износ од 2 216 612 717 денари или 59,4 проценти во однос на проектираните приходи. Притоа, најголем дел приходи се остварени во основниот буџет и во буџетот за дотации. Во вкупните приходи најголем удел имаат даночните приходи, кои се остварени со 50,5 отсто и трансфери и донации остварени во процентуални учество од 40,7 проценти. Како што посочија од градскиот Сектор за финансии и вкупните расходи и другите одливи за овој период се извршени во износ од речиси 4 милијарди денари, а реализацијата по раходи е најголема во основниот буџет.

И во овој извештај за Буџетот недостасува проектен распоред за трошење на средствата, дадени се збирно и ние како советници немаме увид во она што се работи во Град Скопје – рече советникот Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше единствениот дискутант за извештајот.

Андоновски посочи дека и оваа година ќе останат голем дел од предвидените средства за проекти нереализирани, изразувајќи сомнеш дека за преостанатите три месеци Градот ќе успее да изврши од Буџетот толку колку што е постигнато за трипати подолг период.

Градските советници дадоа зелено светло за одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Центар за реконструкција на улица во Центар, откако успеаја да добијат одговор за тоа за која точно улица се работи, затоа што во предлогот за соработка стоеше улицата Тодор Александров, која воопшто не се наоѓа во Општина Центар. Всушност, ќе се реконструира улицата Салвадор Аљенде на потегот од ИЗИИС до крстосница со патот до Сончев Град.

Вкупната вредност за реализација на меѓуопштинската соработка изнесува 11.356.320 денари со вклучен ДДВ. Град Скопје овие средства веќе ги има обезбедено во Буџетот за 2023 година, од програма ЈДА 482 – Меѓуопштинска соработка – изградба, реконструкција и одржување на сообраќајници. Општина Центар во остварувањето на оваа соработка ќе учествува со издавање на решение за реконструкција, како и на сите други потребни документи и решавање на можните имотно-правни спорови.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот