Врбица Стефанов/фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Врбица Стефанов и Тони Симиќ „во клинч“: Ако сака да зборува за професионализам, селекторот нека тргне од своето дете

Легендата на македонската кошарка Врбица Стефанов остро реагира на изјавата на селекторот на репрезентацјата до 18 години, Тони Симиќ кој го исфрли Рубин Стефанов од списокот на играчи што ќе настапат на претстојното Европско првенство во Турција.

Иако Рубин Стефанов беше дел од сениорската репрезентација на Македонија во квалификациите за СП 2023 година, Симиќ поради непрофесионализам го исфрли од јуниорската репрезентација.

– Што се однесува до Рубин Стефанов, по настапот во А-репрезентацијата, заедно со Теодор Симиќ, се врати на подготовките на јуниорската селекција. Пред натпреварот против Швајцарија во Скопје се пожали на болки во зглобот и одлучивме да не му правиме притисок за да не се влоши состојбата. На турнирот во Гевгелија почна да демонстрира незадоволство поради минутажата. Јас се обидував да ги распределам минутите кај сите играчи со цел доволно да се воиграме, а во исто време да не дојде до премор кај нив. По турнирот зборувавме и Рубин ми рече дека се е во ред. Во Хрватска одигравме двомеч, Рубин играше на првиот натпревар и не се пожали на ништо. На вториот, излезе од игра по пет минути, седна на клупата и се понесе крано непрофесионално – ги одврза патиките и посочи дека не сака да игра. Поминав и преку тоа, му реков дека мора да се однесува како професионалец, треба да ги заврзе патиките и да се подготвува да игра, дека не сме дојдени на екскурзија. Ме послуша, седна на клупата, но побара да не игра до крајот. По враќањето од Хрватска, јас немав никаква информација дека играчот нема да продолжи. Во четвртокот попладне ми се јави спортскиот директор дека родителот му кажал дека не гледа причина и потреба Рубин да продолжи да игра за репрезентацијата. Едноставно, го напушти тимот иако јас сметав на него и требаше да има значајна улога во оваа селекција. Очекував Рубин да дојде и да ми го каже тоа мене в лице, како што јас со него разговарав во Гевгелија – изјави Симиќ.

Веднаш со реакција се јави и таткото на Рубин, легендата на македонската кошарка, Врбица Стефанов кој е разочаран од односот на Симиќ кон неговиот син.

– Го читам сето она што го кажал Тони Симиќ и искрено не можам да поверувам. Тој е човекот што цело време ми се јавуваше, ме убедуваше Рубин да игра во таа возрасна селекција за да помогне да оствариме добар резултат. Многу добро паметам што зборуваше тогаш, не беше тоа толку одамна, и затоа сум шокиран од она што го кажува сега, не само за син ми, туку и за целокупната визија за репрезентацијата. Затоа и го прашав на почетокот од овие подготовки што се случува, дали можеби има притисок од некого, бидејќи се што правеше беше спротивно на она што го зборуваше до пред извесно време. Го прашав и директно и конкретно за мојот син, дали постои некаков проблем, за јас како родител да реагирам и да го поправам однесувањето. Тој ме убедуваше дека се е во најдобар ред, а истовремено на тренинзите и на натпреварите ја толчеше самодовербата на моето дете. Она што најмногу жалам е што тие успеаја да го спроведат својот план што си го имаа замислено, да го претстават Рубин како непрофесионалец, што е сосема спротивно од вистината. Лично ме боли што пред да каже вакви работи не ми се јави да ме извести и излезе по медиуми, со изјави за интенет-страницата на федерацијата, а кога јас го прашав ми кажуваше дека се е во најдобар ред. Јас не сакам моето дете да биде како неговото, па гласно да му префрла на врвен стратег како Бајиќ во сениорската репрезентација и да прави дополнителен конфликт. Рубин Стефанов е бојкотиран уште од првиот ден, кога почна со подготовките, му беше ставено до знаење дека не е посакуван таму и се што се случуваше потоа беше иницирана неговата реакција. Кога некое дете ќе стигне на негова возраст до повик во А-селекција, логично е потоа да се надева дека во својата возрасна граница ќе има солидна минутажа. Симиќ тотално ме разочара како човек, пред се бидејќи бевме пријатели. Да го кажеш сето она за едно малолетно дете, да го обвиниш на таков начин за непрофесионализам, не можеш да очекуваш родителите на тоа дете да молчат. Еве јас како татко му одговарам – ако сакаш да зборуваш за професионализам, тргни од своето дете. Сите многу добро знаат дека неговиот син има проблеми за трчање, па се поставува игра за тој да може да се намести и да си има шутерско шоу на натпреварите. Обвинува за реакции на тренинзи, а неговиот син „рогаше баскети“ речиси секој тренинг кога нешто ќе му пречеше. Зарем тоа е професионално однесување – вели Стефанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот