
ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Насилник од Радовиш тепа бремена жена „во живо“ на „ТикТок“, пратениците не изгласаа ова кривично дело да се гони по службена должност
Вознемирувачка снимка на која се гледа како маж брутално тепа жена за време на видео „во живо“ на „ТикТок“, е објавено на социјалните мрежи, со повик до надлежните итно да реагираат и да го спречат малтретирањето.
Препорачано
Се тврди и дека жената, која не може да се види на снимката, е бремена и дека продолженото насилство може да ги загрози нејзиниот и животот на бебето.
„Денес добивме нова дојава од граѓани каде ликов јавно и на Live ја тепа бремената жена. Видеото е во објавата жената плачи и моли да не ја тепа!!! Лицето е од Радовиш. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи веднаш да го уапси ова лице, бидејќи ова може да има фатални последици по животот на бремената жена. Сите информации се добиени од загрижени граѓани. Ве повикуваме веднаш ваквите насилници врз жени и неродени деца да бидат уапсени!!! Ова е веќе од јавен карактер каде цела јавност гледа ИЗЖИВУВАЊЕ на live!!!“, пишува во објавата.
На снимката се гледа насилникот, за кого се вели дека е од Радовиш, додека жената, според објавата неговата сопруга, седи покрај него, надвор од кадарот. Тој постојано ја малтретира, ја пцуе и навредува и во повеќе наврати крвнички ја тепа жената, за која се тврди дека е бремена.
Според информации на „Слободен печат“ од истрагата, настанот е пријавен во МВР вчера, известен е јавен обвинител и веднаш е постапено. Лицето било приведено, жената прегледана. Согласно закон за кривичното дело семејно насилство неопходен е предлог за кривично гонење, но жената одбивала кривичен прогон и изјавувала дека видеото е старо и покрај тоа што од снимката каде насилникот е фатен инфлагранти како ја тепа се гледа дека е снимено во саботата на 22 март 2025 година (видливо од екранот на видеото). Пратениците во Собранието го одбија предлогот на пратеничката група на „Левица“ на крајот на 2024 според кој беше предложено кривичното дело семејно насилство да се гони по службена должност. Затоа до ден денешен се бара согласност од жртвата која честопати поради страв од одмазда продолжува да го трпи насилството. Се очекува Обвинителството и полицијата да не дозволат да се случи трагедија каква што веќе се случи во случајот со Танкица од Кочани.
