
Воздухот во Струмица деновиве не бил загаден, Костадинов вели дека тоа не е случајно
„Струмица е првата општина која има успех во борбата со аерозагадувањето преку имплементацијата на повеќе административни и технички решенија од страна на Општината, а кои за кратко време вродија со плод“, прогласи денеска градоначалникот Костадин Костадинов, припишувајќи си голем дел од заслугите за тоа што во последните десетина дена, Струмица бил град со најмало ниво на штетни ПМ10 и ПМ2,5 честички во воздухот во државата, споредено со било кој друг град во Македонија од слична големина и број на население.
Препорачано
-Oд 3 до 19 февруари просечната загаденост на воздухот во Струмица е намалена за 50% во просек, или преку пример – ако минатата година просекот на ПМ 10 честички во воздухот се движел околу 100 ПМ10 честички на кубен метар, во првите две недели од февруари оваа година просекот се движи околу 50 ПМ10 честички на метар кубен. Поточно, од 3 до 19 февруари просечната загаденост на воздухот во Струмица е намалена за 50% во просек“, рече Костадинов.
„Овие резултати, кои планираме да се подобруваат во идниот период, се резултат на добро смислената и спроведена акција на општина Струмица и добрата соработка и покажувањето на слух пред се кон народот, но и кон граѓанските организации како што е случајот со Здрава Котлина. Како одговорен градоначалник разговарав за барањата на Здрава Котлина, а кои се однесуваат на одредени законски измени со пратеникот Борче Цветков и со пратеничката група на СДСМ, да организираат состанок со претставници на Здрава Котлина и да ги разгледаат можностите за одредени законски измени, или доколку има потреба и предлог на нов закон којшто ќе даде директен резултат во справувањето со предизвикот – аерозагадување“, рече Костадинов.
Тој информираше дека се спроведени 46 инспекциски надзори на територијата на општина Струмица на локации кои се пријавени како потенцијални загадувачи на амбиенталниот воздух. Изготвени се 14 решенија за правни лица со рок за отстранување на утврдени неправилности, 10 решенија за изработка на Елаборати за животна средина, iзречени се казни од 9.000 евра за три правни субјекти и по 500 евра казна за одговорните лица во правните субјекти, 9 физички лица се казнети со прекршочни платни налози во висина од 250 евра за согорување на отпад на отворено и за 5 физички лица издадени се писмени опомени.
Освен инспекциските надзори, Костадинов рече дека Општина Струмица работи и на спроведување на активни мерки за намалување на аерозагадувањето во градот, а како најсериозна мерка е набавката на 10-те електрични автобуси со кои директно се влијае врз намалувањето на сообраќајот во општина Струмица, а со тоа и на количината на испуштање на издувни гасови. Се работи и на подобрување на секундарната гасоводна мрежа и на велосипедската инфраструктура, вели градоначалникот.