Волја за мир

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Нема сомнение дека размислувањата на Кисинџер и на „Њујорк тајмс“ се разумни и оправдани, прашање е само дали имаат корен кај актуелните „полиси мејкери“ на САД или се само добронамерни интелектуални „медитации“.

Војната на Путин во Украина „наполни“ три месеци, и не само што не покажува знаци на замор, напротив, добива на интензитет и драматика од ден во ден. Последните информации се дека руските сили, откако го зазедоа важното пристаниште Мариупол, сега се во офанзива – жестоко напаѓаат дури 40 градови и населени места. Украина моли за оружје, ефектите од санкциите сè уште се на пат, рускиот гас и нафта и натаму го полнат рускиот воен буџет со европски пари, а веќе се наѕираат уништувачките ефекти што војната ќе ги има врз самите „санкционери“. ООН предупреди дека следната година на светот му се заканува глад од библиски размери, пред сè поради тоа што украинската храна нема да може да се извезува поради блокираните пристаништа. Инфлаторната спирала во Европа е „откочена“, цените растат вртоглаво,  енергетската криза е неизбежна. Најдебелиот крај, се знае, ќе го извлечат најсиромашните земји и најсиромашните слоеви граѓани и во побогатите земји, кои следната зима најверојатно ќе се греат на ќебиња. Во такви услови, кога војната го уништува светот економски и социјално, а Украина биолошки (страданијата таму се непоимливи), не е чудно што се појавија првите гласови за можен мир и првите скици како тој реално би можел да изгледа.

Угледниот американски весник „Њујорк тајмс“ во коментар потпишан од уредничкиот одбор излезе со сериозна анализа во која се тврди дека Русија е премногу силна за Украина да може да  ја порази на бојното поле, дека вистинскиот исход од војната секако ќе вклучува територијални отстапки од Украина и дека претседателот Џо Бајден треба тоа јасно да му го каже на Володимир Зеленски, и тоа подобро порано отколку подоцна. И покрај неверојатните успеси на Украина околу Киев и Харков, статијата вели дека целосна воена победа на Украина над Русија, во која Украина ја враќа целата територија што Русија ја окупира од 2014 година, „не е реалистична цел“.

Овој став воопшто не е на линија на актуелната политика на Вашингтон, која имала вакви аналитички размислувања на маса уште пред војната, но тргнала по потешкиот пат – помагање на Украина со сите сили, во надеж да се оствари токму спротивното. Жестокиот отпор и досегашните успеси на украинската армија ја охрабруваат таа стратегија. Со секој поминат ден во војната, резонираат тие кругови, Русија слабее сè повеќе, а санкциите ќе почнат да го даваат својот ефект. Во оваа цел САД има целосна поддршка од Велика Британија и од Полска, а тоа е она што го бара и самата Украина.

Она што весникот го заговара, со слични аргументи го изложиле и некои осамени критички гласови, пред сè републикански, при усвојувањето на буџетот од 40 милијарди долари за воена помош на Украина во Сенатот минатата недела. Пред сè, дека не само Украина, туку и САД не се подготвени за таква исцрпувачка „прокси“ војна. Истите размислување, и тоа на највисоко ниво – на извиканиот елитен економски Форум во Давос го изложил со сета тежина американскиот геополитички мастодонт, поранешниот секретар за одбрана Хенри Кисинџер, кому сè може да му се префрли, но не и дека не ја разбира реалната (гео)политика и војната, генерално. Тој многу конкретно кажа дека Украина мора да заборави на Крим, а за Доњецк и Луханск мора да прифати целосна автономија, де факто независност, со некакво формално останување во рамките на Украина. Земјата би требало да има неутрален статус и би добила гаранции за безбедност од повеќе страни. Ова, се разбира, го разгневи Киев, кој порача дека нема намера војната да престане без да бидат ослободени сите украински територии. Зеленски му порача на Кисинџер дека „календарот му застанал во 1938 година“.

Нема сомнение дека размислувањата на Кисинџер и на „Њујорк тајмс“ се разумни и оправдани, прашање е само дали имаат корен кај актуелните „полиси мејкери“ на САД, или се добронамерни интелектуални „медитации“. Има индикации дека во врвните кругови во Вашингтон постои уверување дека долга војна во Украина ќе ја ослаби Русија, што е стратешка долгорочна цел на САД, а цената за тоа би ја платила Украина. Затоа САД не жали воена и финансиска помош, а не инсистира премногу на преговори, за разлика од ЕУ (последниот нацрт мировен договор што е актуелен доаѓа од Италија).

Студената логика вели дека Украинците, кои се во жарот на битката, со одбивањето на ваквите идеи, работат на своја штета. За жал, зашто војната ним им носи најголемо страдание, нивната земја, економијата, инфраструктурата се уништуваат, а сè што добиваат како помош еден ден може да им се претвори во долг, кој ќе го плаќаат со де факто колонијален статус. Некои аналитичари потсетуваат дека речиси сета воена помош што САД во текот на Втората светска војна ја даваше на силите на антифашистичката коалиција, вклучувајќи ја и таа за Русија, ја наплати на еден или друг начин по војната. Но, никој не може да ги обвинува Украинците дека не можат во моментов работите да ги гледаат долгорочно, или со „студена глава“ додека се борат за гол опстанок. Исто така, украинските власти не смеат да го ризикуваат и моралот на својот народ и неговата спремност за одбрана на татковината, а токму тоа може да им се случи ако почнат да даваат знаци дека се спремни за „предавнички трговии“, колку тие и да се спасоносни токму за тој народ. Ако се брани државата, се брани секоја нејзина педа, барем во теорија!

Од друга страна, не треба да се потценат и оние што велат дека размислувањата од типот „територии за мир“ се правење сметка без крчмарот. Тоа зависи од вистинските цели на големите играчи во оваа војна. Дали САД навистина сакаат мир? Дали Русија сака мир? Дали Русија би се задоволила со неутралност на Украина, со нејзина „денацификација“ и демилитаризација, како што декларираше Путин при инвазијата? Или, пак, тоа беа само изговори, а вистинската цел е тотално подјармување на оваа „вештачка“ земја, како прв чекор во реализацијата на руските империјалистички визии? Важноста на Украина во таквите планови најдобро ја има илустрирано уште еден геополитички гуру, Збигњев Бжежински во својата „дијагноза“ дека „Русија без Украина е само уште една земја, а Русија со Украина е империја“.

Историчари предупредуваат дека со истата логика, да се избегне поголема војна, во 1938 година на Хитлер му било дозволено (со т.н. Минхенски договор од 29 септември таа година) од големите сили да ја окупира Судетската област во Чехословачка, што не го спречило веќе следната година повторно да изврши инвазија врз истиот сосед. Паралелите со Втората светска војна и со Хитлер не мора да функционираат и во овој случај, но таква можност секогаш постои.

Ако им се верува на идеолозите и пропагандисти на Путин, како Дугин или Соловјев, оваа војна е „само почеток“. Плановите се грандиозни – пресметка со сатанизираниот Запад со помош на евроазиските сили. А Путин токму деновиве е во мисија на зајакнување на свoјата Евроазиска Унија. Дали Русија би прифатила мир по рецептот на Кисинџер и „Њујорк тајмс“ само за да земе здив, да се олабави од санкциите, воено да се консолидира, до следниот обид? Во тој случај таков мир би бил тактичка грешка. Украина веќе еднаш доби „безбедносни гаранции“ од САД и од Русија, со т.н. Будимпештански договор од декември 1994 година, кога се откажа од нуклеарниот арсенал што беше на нејзина територија, но тие гаранции се покажаа празни зборови на хартија. Кој гарантира дека некои нови гаранции нешто повеќе можат да гарантираат? Во моментов може да се тврди само едно – волја за војување постои на повеќе страни, а за волјата за мир се претпоставува дека постои, но не е „научно докажано“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот