
Водич за употреба на личните карти, пасошите и возачките дозволи
„Слободен печат“ изготви мал водич за снаоѓање околу тоа кој документ каде важи, а каде не важи – со истечени лични карти законски ќе се гласа, неистечените стари пасоши важат по светот, ама не важат во Македонија, освен во банките, каде, пак, незаконски се користат за идентификација, оти во спротивно ќе мора да им се блокираат сметките на над 100.000 граѓани со истечени лични карти
Промената на уставното име на државата ја внесе Македонија во НАТО, ама ги внесе и граѓаните во досега невиден хаос со замената на личните документи. Одредбата од Преспанскиот договор дека во рок од пет години (до 12 февруари 2024 година) треба да се сменат документите за внатрешна употреба што се користат и надвор од државата предизвика над половина милион луѓе да останат „заробени“, без пасоши, затоа што надлежните многу лежерно му пријдоа на процесот. Лошата организација, мешаницата во законите, нелогичните и контрадикторни изјави во јавноста предизвикаа повеќе комплицирани ситуации, а тешките последици во неколку наврати се спасуваа со итни гласања на законски измени во Собранието.
Препорачано
Па така, сега на сила се вратени личните документи со истечен рок, ама само за гласање, вон сила се старите пасоши со неистечен рок, ама само за патување, возачките дозволи со старото име може да се користат само уште оваа година, затоа што за нив два пати беше менуван законот, а личните карти со старото име може да се користат додека им трае важноста, затоа што за нив ниту еднаш не беше менуван законот. Сообраќајните дозволи, пак, беа заборавени кога се менуваше законот за пасошите, па за нив сега само усно „се знае“ дека мора да го имаат новото име Република Северна Македонија за патување со возилото надвор од државата.
Личните карти останаа нечепнати
Личната карта со старото уставно име важи насекаде во сите околности како и пред Преспанскиот договор.
За идентификација: Со лични карти со името Република Македонија, кои се со неистечен рок на важност може да се вршат сите работи како и претходно. Законот за лична карта не беше сменет и овој биометриски личен документ не е усогласен со Преспанскиот договор, односно нема одредба дека личните карти со старото име важат до 12.2.2024 година.
За гласање: На претстојните претседателски и парламентарни избори може да се гласа со три „категории“ лични карти – стари со Република Македонија кои не се истечени, нови со Република Северна Македонија и со стари лични карти кои се истечени во периодот до девет месеци пред гласањето. Ова значи дека на првиот круг од претседателските избори на 24 април можат да гласаат граѓаните чии документи истекле од 24 јули 2023 година до денот на изборите, ама, пак дел од нив нема да можат да гласаат на вториот круг на 8 мај, затоа што тогаш имаат право да гласаат само оние на личните карти кои им истекле од 8 август 2023 година.
За патување: Со стара важечка лична карта може да се напушти државата на границите кон Србија, Косово и кон Албанија.
Со истечен пасош на гласање
Состојбата со патните исправи со старото уставно име е најкомплицирана. Тие се користат за сè, освен за она за што првенствено служат – за патување во странство.
За идентификација: Со измените на Законот за патни исправи донесени јуни 2021 година пасошите со старото уставно име престанаа да важат за секаква употреба во Македонија на 12 февруари 2024 година, па овој биометриски документ во домашна употреба не може да се користи за идентификација во ниту една институција – пред суд, пред нотар итн. Но, комерцијалните банки го користат за идентификација на граѓаните кои се со истечени лични карти, иако тоа е незаконски. Во спротивно, ако го почитуваат законот, банките би требало да им ги блокираат трансакциските сметки на сите кои немаат нови лични карти, а имаат стари пасоши, а во таква ситуација, според надлежните од МВР, се над 100.000 граѓани.
За гласање: Со измените на Изборниот законик што беа усвоени минатиот четврток, старите пасоши може да се користат за идентификација само за гласање на претстојните избори и тоа само ако истекле во периодот до девет месеци пред изборите. По гласањето, старите пасоши повторно ќе бидат „мртви“ за дома.
За патување: Никој не може да излезе од државата со стар пасош ниту преку копно, ниту преку аеродромите, но овој документ е валиден во други земји. Државите низ светот самостојно одлучуваат дали ги прифаќаат пасошите со Република Македонија кои се со важечки рок, па така граѓаните сè уште влегуваат со овие пасоши во Европската Унија, на пример од Србија во Хрватска или во Унгарија итн. И за излез од други држави кон Македонија важат старите пасоши.
Бесплатна замена на возачка дозвола
Возачките дозволи со старото име важат до крајот на оваа година.
За идентификација: Возачката дозвола е биометриски документ, затоа што при нејзиното издавање на носителот му се земаат биометриски податоци – фотографија, отпечатоци од два прста и своерачен потпис, но и покрај тоа, возачките дозволи не се официјални документи за идентификација. Со нив ниту претходно, ниту во иднина не може да се докаже идентитетот пред институциите.
За патување: Со измените на Законот за безбедност во сообраќајот од јуни 2021 година се предвиде дека возачките дозволи со старото уставно име ќе важат до 12 февруари 2024 година, па еден ден пред овој датум настана голема паника откако МВР потсети на оваа одредба. Бидејќи голем број од возачите ги немаат сменето возачките дозволи, Собранието на самиот ден 12 февруари донесе нови законски измени со кои го продолжи нивниот рок на важност до крајот на декември. Исто така, замената на возачките дозволи заради промената на уставното име е бесплатна. Замената на пасошите и на личните карти не е.
Сообраќајната дозвола е дозволена, оти не беше забранета
Сообраќајните дозволи, исто така, се менуваат бесплатно.
За патување: Кога се носеа законите за усогласување на личните документи со Преспанскиот договор, со датата 12 февруари 2024 година беа усогласени само возачките дозволи и пасошите, а личните карти и сообраќајните дозволи – не. При измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се предвиде дека до 12 февруари важат возачките дозволи и возачките книшки, иако возачките книшки повеќе не се користат, а сообраќајните дозволи, кои се користат, беа заборавени. Надлежните отпосле се сетија дека сообраќајната дозвола всушност е документот за надворешна употреба и почнаа усно да им зборуваат на граѓаните дека и тие мора да се сменат ако не се со новото уставно име Република Северна Македонија. Според законот не мора да се сменат, но во Грција не може да се влезе со возило со стара сообраќајна дозвола.