Во претставата играат актерите Васил Зафирчев и Исидор Јованоски / Фотографија: Иван Камчев

Во Велешкиот театар премиерно ќе биде изведена претставата „Нема струја за електричниот стол“

Пиесата „Нема струја за електричниот стол“ од современиот бугарски писател Александар Секулов, во режија на Дејан Пројковски, ќе ја има својата премиера на 8 април, со почеток во 20 часот, на сцената „Петре Прличко“ во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, како прва премиера за оваа година.

По големиот успех на претставата „Инферно“, за чии изведби и натаму се бара билет повеќе, ова е втора соработка на Пројковски со Велешкиот театар. Покрај режисерот Пројковски, зад претставата стојат Сашо Димоски како драматург, Филип Коруновски како автор на сценскиот дизајн и плакатот за претставата и коавтор на видеодизајнот и анимациите заедно со Борче Конзулов.

Музиката за претставата и нејзината изведба во живо е на Сашко Костов, а камерите во претставата се на Данчо Стефков и Александар Костов. Актерската изведба им е доверена на Васил Зафирчев – во улогата на Осудениот на смрт и Исидор Јованоски во улогата на Леонард.

Александар Секулов е еден од најзначајните современи бугарски писатели, преведен на многу јазици во светот. Неговиот опус, остварен во драмата, прозата и поезијата, закитен е со најпрестижните бугарски награди – каков што е и случајот со „Нема струја за електричниот стол“, пиеса што во 2016 година ја добила престижната награда за современа бугарска драматургија – „Аскер“.

Дејан Пројковски е еден од најзначајните театарски режисери во регионот. Во неговото портфолио стојат голем број маркантни наслови од историјата на светската драма и книжевност, реализирани во најзначајните театарски куќи и закитени со најважните театарски награди.

Во оваа црна комедија, изведена во дуодрамскиот формат, иновативниот сценски јазик на Пројковски е изграден во колизијата меѓу актерската игра на сцена и користењето на филмскиот кадар во функција на сценското дејство.

Приказната е раскажана сред апокалиптичната околност во која се сместени двата ликови – оној што е осуден на смрт со електричен стол и оној што треба да ја изврши осудата. Дијалогот пласира луцидна, иронична и саркастична приказна која низ мултинаративен систем генерира уникатно сценско доживување.

Овој мултимедијален проект има за цел да ги преиспита границите меѓу сценското дејство, филмскиот израз и видеоанимацијата преку постојаното претопување на различните медиуми во единството на театарската претстава, известија од Велешкиот театар.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 174, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот