
Во Велешкиот театар почнаа пробите за претставата „Инферно“ во режија на Дејан Пројковски
Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес ги почна пробите за претставата „Инферно“, според „Пеколот“ од Данте Алигиери, а во режија на Дејан Пројковски.
Препорачано
Покрај режисерот Пројковски, авторскиот тим на претставата го сочинуваат: Олга Панго како кореограф, Валентин Светозарев како сценограф, Раде Василев како костимограф, Горан Трајкоски како автор на музиката за претставата, асистентка на режисерот е Марија Петреска.
Во претставата учествува речиси целиот ансамбл на Велешкиот театар: Васил Зафирчев, Исидор Јовановски, Кети Борисовска, Зорица П. Панчиќ, Маја Љутков, Славица Манаскова, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Симона Димковска, Марија Баркова, Кристијан Саздовски.
Делото „Пеколот“ од Данте Алигиери, еден од најфасцинантните текстови во историјата на светската книжевност, за потребите на претставата ќе биде преведено во моќни и густи слики, кои комуницирајќи со контекстот ќе создадат претстава во која супериорниот актерски и технички потенцијал на големата сцена на Велешкиот театар ќе биде максимално искористен.
Дантеовиот изворник, чии метафори зборуваат за слоевите на распадот на европската цивилизација, во претставата ќе биде толкуван преку контекстуализација на густите места и нивна транскрипција во оригинални сценски слики, најавија од Велешкиот театар.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 130, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 мај 2022)