Фото: Фејсбук

Во сабота во Скопје ќе има протестен марш против геноцидот во Газа и за поддршка на палестинскиот народ

Протестен марш е закажан за оваа сабота во Скопје, на кој учесниците ќе му изразат поддршка на палестинскиот народ во Газа, изложен на долготрајна и крвава агресија од страна на Израел, најавуваат организаторите.

„Геноцидот не е историска лекција туку крвава реалност во Газа што нѐ засега сите нас. Изминаа две години од почеток на истребувањето и агресијата на ционистичкиот режим, поддржан и во соучество на западниот империјалистички блок на САД, НАТО и ЕУ со намера да проектираат моќ на Блискиот Исток, со исклучок на неколку ЕУ членки кои неодамна ја прекинаа трговијата со оружје со Израел или пак само симболично ја признаа Палестина. Ова само докажува колку профитирањето од војна е поважно од човечките животи во ерата на тоталитарниот капитализам“, се вели меѓу другото во најавата на настанот на „Фејсбук“.

„Оваа сабота не сме подготвени само да маршираме, туку и да протестираме и блокираме за безбеден премин на нашите другари, активистите што пловат на интернационалната флотила на солидарност, Глобална Хуманитарна Флотила Сумуд. Како што работниците ги затворија пристаништата за оружје, така ние ќе протестираме против загрозување на оваа мисија чија цел е кршење на нелегалната опсада на Газа и доставување на хуманитарната помош“, додаваат организаторите.

Протестот ќе започне во 12 часот пред споменикот „Симфонија на мирот“, посветен на холокаустот од Втората светска војна кој се наоѓа спроти гимназијата „Јосип Броз Тито“, со цел да се нагласи дека холокаустот не смее да се повторува без разлика на кој јазик плачат децата чии родители се убиени.

„Протестот ќе заврши пред Владата, бидејќи оваа, како и претходните вазалски власти, се оглушува на напорите на хуманото човештво да се заузда израелската воена машина и да се стави крај на геноцидот“, пишува во најавата на протестниот марш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот