
Во Ректоратот на УКИМ е промовирана колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“
Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е капитално научно издание од доменот на хуманистиката со кое на најубав начин во меѓународните славистички кругови се афирмираат дострелите на македонската книжевна наука.
Препорачано
Оваа драгоцена публикација е плод на интензивната и успешна соработка меѓу Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Институтот за македонска литература како единици на УКИМ, Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац.
Промоцијата на монографијата се одржа во големата сала на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 12 јуни, каде што свечено обраќање имаше ректорката проф. д-р Биљана Ангелова.
– Сега, за првпат имаме своевидна историја на македонската книжевност што е објавена од меѓународно референтен издавач, а едновремено ги опфаќа и сите периоди на книжевниот развој, и сите жанрови. Со тоа, и македонската научна вистина станува пореферентна. И тоа во време кога со години соочени со негирања и напади од ненаучни побуди, неретко ни се поставува прашањето што можеме да направиме од научна перспектива. Сето тоа време, македонската книжевна наука го даваше својот одговор со посветеност на истражувањето и на научната вистина. Еве го и резултатот – колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ како најмоќен одговор – нагласи ректорката Ангелова.
Пред присутните се обрати и деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проф. д-р Владимир Мартиновски, а промотори на изданието беа проф. д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература (ИМЛ) и проф. д-р Венко Андоновски од Филолошкиот факултет при УКИМ, дописен член на Македонската академија на науките и уметностите. На промоцијата се обратија и редакторите на изданието, професорите Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац и Славчо Ковилоски од ИМЛ.
Автори на монографијата се научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац.
На промоцијата присуствуваа претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, академици, професори од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонска литература и од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, членови на Македонскиот славистички комитет, професори од други факултети при УКИМ, писатели и други активни чинители на академската и книжевната заедница во државата.
Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е објавена годинава, а веќе е дел од фондовите на клучни славистички центри во светот. Монографијата претходно беше промовирана на Универзитетите во Задар и во Бања Лука, а следните промоции се закажани во Париз и во Мадрид.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 285, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.6.2025)